„Кула Валхала“ е новото име на бизнис центарот „Соравија“ на Дрин Ахмети, кој е на јавно наддавање. Валхала во нордиската митологија е живеалиште на војници загинати во борба.
Менаџментот во соопштение за јавност вели дека ова име означува почеток на ново поглавје за овој деловен центар. Ги уверуваат своите деловни станари — и пошироката јавност — дека секојдневното работење во центарот останува нормално и непрекинато, како и дека се уверени во својата правна позиција додека се справуваат со ситуацијата.
Трговскиот центар се најде на оглас за продажба од скопскиот извршител Андреја Буневски поради долг од околу 930.000 евра кон бугарската Прва инвестициска банка. Почетната цена е 22 милиони 406 илјади евра. Во заклучокот за лицитацијата се наведува дека ова не е единствен долг на „Соравиа инвест“ кон истата банка која во 2020-тата издаде кредит на компанијата, а има и други пристигнати побарувања кон доверители.
Лицитацијата ќе се одржи на 24 април во канцеларијата на извршителот Буневски.
Фирмата од декември лани е во сопственост на австриска компанија поврзана со Хано Соравија, но Дрин Ахмети во интервју за КОД на Телма во јануари тврдеше дека тој оперира и го раководи центарот.