Во битолската болница 2.500 пациенти третирани на интервентна кардиологија

БИТОЛА – Во Одделот за интервентна кардиологија во Клиничката болница во Битола, досега се третирани 2.500 пациенти од Битола и Преспанско-пелагонискиот регион. Оваа бројка е особено значајна, со оглед на тоа што во изминатиот период, заради дефект на стариот ангиограф, од јануари 2019 година до август 2024 година, не беа третирани пациентите во оваа болница.
Отсекот повторно продолжи со работа изминатата година со вклучување во функција на новиот ангиограф, со што Клиничката болница Битола повторно ги има сите предуслови за инвазивна и интервентна кардиологија. Од 2024 година , битолската болница работи со еден од најновите модели на ангиограф од марката „Филипс“, донација од Светска банка.
Во Одделот за инвазивна и интервентна кардиологија во Битола работат двајца специјалисти, д-р Ненси Лозанче, супспецијалист по интервентна кардиологија, воедно и директор на битолската болница, како и д-р Емилија Паришко, специјалист кардиолог, со тим од четири медицински сестри, обучени во оваа област. Целиот битолски тим има стручна обука во Универзитетската клиника за кардиологија, уште од 2010 год, под раководство на професорот Сашко Кедев.
„Да, бројката претставува јубилеј, но многу позначајно е кога означува бројка на спасени животи од Битола и околниот регион. Во почетокот, беше навистина тешко, поради малиот број на персонал, вклучен во работата во ангиосалата, но во исто време и предизвик, со оглед на значењето на успешно завршена интервенција и уште еден спасен живот. Во овој момент, секако, од големо значење е и вклучувањето на д-р. Емилија Паришко, која како млад ентузијаст, успешно се вклопи во целата ‘приказна’“, вели д-р Лозанче.
На отсекот за Интервентна кардиологија во Битола, во овој момент недостасува единствено рендген техничар за оваа област, проблем што би требало да биде надминат со новите вработувања кои се планираат во Клиничка болница Битола.
Битолската болница првиот ангиограф го доби во 2012 година, кога беше опремена и салата за интервентна кардиологија. Така се овозможи пациентите со срцеви удари во најкритичните моменти од животот да не мора да се транспортираат во Скопје и Охрид. Битола доби нов концепт во организација на здравството и третманот на пациентите со срцеви заболувања.
Отсекот за инвазивна и интервентна кардиологија, во последниот период го покрива целиот западен регион на Македонија вклучувајќи ги пациентите од Охрид, Струга, Ресен, Крушево, Демир Хисар и останатите градови со оглед на тоа дека ангиографот во Охрид беше надвор од употреба. (А.Б.)