Македонија
(Видео) Кузеска: Со Тошковски на чело, МВР е во хаос – бодигарди аздисуваат на улиците како на див запад

Со Панче Тошковски на чело на МВР хаос се случува по македонските улици, безбедноста е загрозена, нема никаков ред и поредок, кажа денеска на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„МВР се сведе на тоа да не може ниту еден џип неправилно паркиран да санкционира. Скандалот во Дебар Маало по којзнае кој пат го потврди нефункционирањето на МВР ама го покажа и каубојското аздисување на бодигардите на функционерите на власт. Двајца полициски службеници, обезбедувачи на претседателката на државата лажно тврделе дека погрешни паркираното „порше“ на Срѓан Керим е службено. Тие барале „поршето“ на Керим да не биде кренато од пајакот, тие поттикнале неказнивост. Да не беше реакцијата на младите и овој случај ќе беше заташкан. Но по бурните реакции МВР беше принудена да поведе дисциплински постапки“, рече Кузеска.
Таа потенцираше дека во последниве 9 месеци, како на лента се редат скандал по скандал со телохранители на највисоките државни функционери.
„Од обезбедувањето на премиерот Мицкоски, едниот оддавал државни тајни другиот нападна полицаец попречувајќи акција против дрога. Обезбедувањето на Гаши направи инцидент на скопскиот аеродром, извади пиштол, турна и нападна полицаец. Сега обезбедувањето на претседателката вмешана во скандалот во Дебар Маало. Ова не се изолирани инциденти – ова е системски распад на безбедносниот апарат! Полицајци кои треба да не чуваат – работат за интересите на криминалци, моќници и тајкуни. На чело на сите нив е Панче Тошковски – како министер кој го дозволи овој распад во МВР. Сите овие инциденти отвораат сериозни прашања за целосна нефункционалност за безбедносниот апарат, за можната поврзаност на луѓе од власта со криминални структури. Нема ред и поредок, нема одговорност. Вака не може! Одговорност мора да има и таа мора да започне со најодговорниот а тоа е министерот Панче Тошковски“, истакна Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски: Издадена наредба за приведување на седум полицајци, истрагата за Кочани се проширува

Издадена е наредба за приведување на седум полицајци со што практично се проширува истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загина 61 лице, а над 100 беа повредени.
„Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка“, рече државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Коцевски рече дека објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата туку бил познат на целиот град, на локалната самоуправа и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат.
Тој, исто така, истакна дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот.
Од обвинителството кусо соопштија дека во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници.
Повеќе информации се очекуваат во текот на утрешниот ден.
Македонија
Сончево и топло време за Велигден

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло.
Македонија
Антикорупциска со низа замерки за Законот за угостителска дејност

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност,инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца
ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.
Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.