• Саше Љолес

Претседателот на руската фудбалска федерација и генерален директор на „Газпром“, Александар Дјуков, изјави дека очекува многу наскоро руските клубови повторно да се вратат во еврокуповите и ја охрабри УЕФА да го стори тоа што побргу.
Овие изјави доаѓаат после најавениот прекин на огнот во Украина, а доколку дојде до целосен мир, тогаш Дјуков очекува руските клубови да бидат дел од натпреварувањата на УЕФА уште во текот на летниот период.
„Ако се постигне траен мир во Украина, мислам дека веднаш ќе се вратиме на европската карта. Јас не сум политичар и не се мешам во тие работи, но знам кои се моите ингеренции и затоа веќе стапив во контакт со претставниците на УЕФА.
Руските екипи секогаш вложувале многу во спортот, не само во фудбалот. Тоа се докажало со многу успеси низ годините. Мислам дека е крајно време повторно да ги гледаме нашите екипи во елитното друштво. Оптимист сум, се надевам дека ќе нашата авантура ќе започне уште во летните квалификации“, изјави Дјуков.
Руските клубови беа исфрлени од сите натпреварувања на УЕФА веднаш откако започна војната во Украина, но наскоро би можеле повторно да бидат дел од Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.