„Сум играл против Џабар, но Јокиќ е најдобриот центар во историјата“

Стив Кер, тренерот на Голден Стејт Вориорс, по мечот против Денвер го пофали Никола Јокиќ, велејќи дека тој е најдобриот центар во историјата на НБА.

На српскиот центар му фалеше само уште една асистенција за „трипл-дабл“ во поразот од Голден Стејт (118-104).

„Неправедно е да се споредуваат ерите, но тој е најдобриот центар што некогаш сум го видел. Играв против Карим Абдул-Џабар, толку сум стар. Карим не можеше да ги прави сите тие работи.

Сега сме во модерната ера и го гледаме како прави работи кои никој досега ги нема направено. Тоа се работи кои ги надминуваат вештините. Тоа е неговото однесување, неговата конкурентност, неговата интелигенција... Тој дефинитивно е еден од најпаметните играчи во историјата на кошарката. Тоа се покажува на различни начини", рече Кер.

Јокиќ споменатиот натпревар го заврши со 33 поени, 12 скока и девет асистенции.