Јасно е дека во албанскиот дел на власта веќе имаме сериозни турбуленции меѓу коалициските партнери и по се изгледа дека се движиме кон поделба меѓу коалицијата ВЛЕН каде што гледаме дека имаме воспоставени блокови – од една страна Изет Меџити, Африм Гаши и Биљал Касами, а од друга страна Арбен Таравари. Ова подолго време беше внатрешна поделба и сега излезе на површина. Дали ова ќе предизвика владина криза? Ќе придонесе за продлабочување на легитимноста на оваа власт кон состанување со албански политички партии ако Таравари излезе од коалицијата, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Сефер Селими за „искрите“ во владеачката коалиција кои се појавија во изминатите десетина денови, пред се по изјавите на екс-претседателот на АА, Арбен Таравари.
Според Селими, тоа може да стави во движење повеќе политички процеси, како што видовме индиции за можна поделба и кавга меѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.
-Ова може да биде искра за поголеми политички процеси, не само внатре во коалицијата ВЛЕН, смета Селими.
Запрашан дали можат уставните измени, односно нивното неносење да биде пресудно за оваа Влада, соговорникот смета дека може да биде причина, но во случајов тоа не е главниот адут и главен проблем зошто настанува оваа криза.
-Тоа ќе може да се употреби како една од причините зошто се случуваат поместувањата во политичкиот блок и секако едно од прашањата кое ќе има потенцијал да креира некакви раздори, истакнува Селими и додава дека до пред трагедијата во Кочани изгледаше невозможно одржување на локални и парламентарни избори заедно во октомври. Сепак, како што тврди, целата постапка и како се однесуваше Владата во однос на трагичниот настан, на премиерот Христијан Мицкоски и владеачката ВМРО-ДПМНЕ ќе им треба уште еднаш за да побараат легитимитет од народот.
-Посебно за тоа како беше спроведена целата состојба и мислам дека се повозможно е да имаме парламентарни и локални избори заедно наесен, потенцира Селими.
Околу политичката состојба и рејтингот на партиите, аналитичарот смета дека СДСМ тврдоглаво продолжува да стои во шок состојба иако овој момент беше доста погоден за да се променат работите – да има повеќе оживување со избор на нов претседател, ставање во функција на целата партија…
-Гледаме дека СДСМ засега само реагира отколку што презема акции. Нужно се реагира и кога е неизбежно, а не да биде проактивно вклучена во креирање на опозиција во Македонија. Во моментов, Левица најмногу профитира и таму очекувам да има некое зголемување на поддршка и гласови. СДСМ што повеќе останува во ваквата состојба, толку повеќе ќе потоне во својата поддршка, заклучува Селими.
Препукувања и меѓу ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ откако пратеникот Антонио Милошоски го прозва министерот за правда, Игор Филков. Му порача дека имал „слаби перформанси“ во однос на преземените обврски со реформите и дека тоа е негов личен став. Филков веднаш му возврати.
„Кусурот на Груевски, познат под прекарот „Џуџето од Небрегово“, а јавноста добро го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево, изгледа дека сè уште нема навика да одговара пред граѓаните кои го избрале. Бидејќи очигледно е неинформиран и изолиран од партијата, го упатувам во неговата матична партија или пак во Владата – можеби конечно ќе го известат за постапките, роковите и статусот на законите“, објави меѓу другото министерот за правда.
Премиерот Мицкоски денеска ја смири топката. Рече дека станувало само за лош ден на двајцата.
-Знам со какви проблеми се соочил министерот Игор Филков и знам каква состојба затекнал. На дневна основа се координираме и соработуваме во делот на реформите. Можам да заклучам и се надевам дека ќе застане на два лични ставови е дека секој има право на лош ден и се надевам дека тој лош ден заврши и за едниот и за другиот, кажа премиерот. Тој беше дециден дека нема чувство за проблеми со коалицијата ВЛЕН. Напротив, како што вели, имаме исклучително квалитетна соработка. Неофицијално, според Мицкоски, имаат две-третини во Собранието.
„Локално“ веќе пишуваше на темата за несогласувањата кај албанскиот блок во Владата. Дел од аналитичарите сметаат дека дека ДУИ бара начини да ја зголеми својата моќ и работи на деструкција со цел да предизвика предвремени парламентарни избори.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче прифаќа тет-а-тет средба со премиерот за да го образложи планот за реформа на системот. Тој смета дека треба да седне на маса и со другите партии и општествени чинители за да се стигне до нов општествен дијалог за изградба на натпартиска стратегија за развој на државата. Мицкоски, пак, вели дека е подготвен на средба со лидерот на опозициската СДСМ доколку, како што изјави, навистина има план и желба да помогне.
Н.П.