Предупредување од МВР: Не наседнувајте на лажни електронски „судски покани“ во име на директорот на БЈБ, станува збор за обид за измама во меѓународни рамки
28-09-2023 МАКЕДОНИЈА

МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Судските покани не се испраќаат преку мејл, а и доколку внимателно се прочитаат овие пораки, видливо е дека станува збор за измама.
Затоа, апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот - стои во предупредувањето од МВР.

Додади коментар