Падот кратко траеше – милијардерите сега се уште побогати: „Фала ти, Трамп“

Најбогатите луѓе во светот ги зголемија пазарните вредности на своите компании за вкупно 304 милијарди долари, откако берзите силно скокнаа по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги замрзне реципрочните царини за 90 дена – за сите земји освен Кина.

Ова е најголем дневен пораст во историјата на индексот на милијардери што го објавува „Блумберг“ од 2013 година.

По Трамповата објава напладне, индексот S&P 500 го забележа најсилниот дневен раст од 2008 година наваму, избришувајќи ги големите загуби од претходните денови и зголемувајќи го богатството на 500 најбогати луѓе во светот за просечно 3,5 проценти.

И индексот Nasdaq се опорави драматично – со највисок скок во последниве 24 години.

Овој рекорден ден доаѓа по минатонеделниот пад на акциите и најавата за нови тарифи, кои беа многу пообемни од очекувањата на аналитичарите и предизвикаа историски загуби на пазарната вредност.

Позитивниот тренд продолжи и во четвртокот во Азија, каде што акциите пораснаа најмногу во последните две години.

Вкупното зголемување на пазарната вредност во средата го надмина претходниот рекорд од 233 милијарди долари, поставен во март 2022 година – кога претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, ги зголеми каматните стапки за првпат по подолг период, но увери дека економијата останува стабилна.

Зачлени се на нашиот е-билтен