Хрватска најавува официјална дипломатска нота до Србија, со која ќе побара објаснување за зголемениот број случаи на протерување хрватски граѓани од српска територија. Повод за чекорот е последниот случај со Ариен Ивковиќ Стојановиќ – хрватска државјанка која живее во Белград повеќе од 12 години, а која добила наредба да ја напушти земјата поради, како што стои во решението, „безбедносен ризик“.
Хрватскиот амбасадор во Србија, Хидајет Бишчевиќ, потврди дека хрватското Министерство за надворешни работи ќе реагира со остра дипломатска нота, бидејќи „одлуките за протерување стануваат зачестени и укажуваат на загрижувачки тренд на насоченост кон Хрватска“.
Според амбасадата во Белград, од почетокот на годинава до денес 12 хрватски државјани добиле решение за протерување, меѓу нив и претставник на Хрватската стопанска комора. Одлуките не се придружени со конкретни докази, а дел од протераните лица, како Ивковиќ Стојановиќ, воделе семеен живот во Србија и не се поврзани со кривични дела.
Во образложението за протерување на Ивковиќ Стојановиќ, српските власти наведуваат проценка на безбедносните служби дека нејзиниот престој претставува ризик, но не се наведуваат конкретни причини. Таа тврди дека е можно ваквата одлука да е поврзана со нејзиното учество на студентски протести.
Невладината организација ЈУКОМ предупредува дека ваквите одлуки, без транспарентни образложенија, може да се толкуваат како политички мотивирани. Адвокатката Катарина Голубовиќ додава дека иако постои право на жалба, таа не го одложува спроведувањето на решението.
Дополнителна тензија во односите донесе и претходниот случај од јануари, кога хрватски учесници на работилница во Белград беа прогласени за безбедносен ризик и протерани, по што Хрватска испрати протестна нота. На тоа се надоврза и изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој тврди дека хрватските и западните разузнавачки служби стојат зад протестите во Србија – тврдења за кои не беа понудени докази.
Загреб сега размислува за предупредување до своите граѓани да избегнуваат патувања во Србија, освен ако не се неопходни. Амбасадорот Бишчевиќ апелира за претпазливост, посочувајќи дека хрватската страна не се меша во внатрешните прашања на Србија, но дека зачестените протерувања го загрозуваат добрососедството.
Голубовиќ предупредува и на можни негативни последици за српските граѓани во Хрватска, доколку Загреб одлучи да одговори со реципрочни мерки.