Еурофарм Пелистер со дерби-победа го откажа Алкалоид од трката за тронот

Екипата на Еурофарм Пелистер успеа да го победи Алкалоид (30-28) во рамки на плеј-офот и така ги направи шансите за титула на екипата од Автокоманда скоро невозможни, затоа што ќе мора да се поклопат многу работи во иднина за тимот на Лазаров да се врати во игра за суперлигашкиот трон. Покрај од пелистерци, Алкалоид загуби и од Вардар 1961 на стартот на плеј-офот.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Алкалоид:

Алкалоид тргна конфузно во мечот, имаше доста проблеми во нападот каде загуби топки, а тоа Еурофарм Пелистер го казни и замина на 6-2 на стартот. Тимот на Лазаров потоа го промени системот на игра, тренерот ротираше, а кам-бекот од четири негатива го направи во средината на првиот дел, кога исклучувања добија Абутовиќ и Хосни, а Алкалоид дојде на 10-8.

Потоа беше и 11-10, меѓутоа топката се сврти, Алкалоид влезе во проблем со исклучувања на Стојковиќ и Карасманакис, па пелистерци на паузата заминаа со 18-15. Проблем за Алкалоид беше што главните дефанзивци Никола Маркоски, Валентин Карасманакис и Стефан Стојковиќ имаа по две исклучувања, па секои следни две минути ќе значеа црвен картон за нив.

Стартот на вториот дел му припадна на Алкалоид. Гостинот од Скопје се врати во Битола на минус два (20-18), а потоа по блесок на голманот Галевски кој бранеше пенали на ривалот, Алкалоид дојде и во позиција да напаѓа за реми. Во 45. минута беше 23-22, Серафимов доби пенал, но не го реализира и тоа пак му даде на домашниот тим на Алонсо крилја. Во тимот на Еурофарм Пелистер потоа на сцена стапи и голманот Филип Ивиќ со три одбрани во вториот дел, па во 50. минута домашните добија напад за плус три кој го реализираа, а потоа ги врати и највисоките четири - 29-25, доволни за победа на крајот, иако Алкалоид донесе драма на 40 секунди до крајот. Дилемите ги реши младиот Алем Хаџиќ со гол во последниот напад на пелистерци.

Најдобар стрелец кај домашниот тим беше Филип Кузмановски со осум гола, а седум додаде Богдан Радивојевиќ. Клучна улога во победата играше голманот Филип Ивиќ кој забележа пет интервенции во клучните моменти. Кај Алкалоид, Мартин Серафимов имаше девет постигнати гола.