Поранешниот помошник на министерот за јавни набавки во МВР, Ѓоко Поповски, излегува на слобода по 9 години поминати во затвор. Одлуката за делумно помилување е потпишана од шефицата на државата, Гордана Силјановска-Давкова, со што Поповски е ослободен од понатамошно издржување на остатокот од казната. Одлуката е објавена во Службен весник на 2-ри април.
Поповски беше осуден во предметите „Триста“ и „Тенк“ во случаи што ги отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО), поврзани со злоупотреби во јавните набавки. За него често јавноста знаеше да каже дека е „единствениот“ осуден за криминалите во владеењето на претходниот премиер Никола Груевски.
Поповски за двата случаи побара спојна казна и ублажување, по што добива една заедничка казна затвор од 8 години и два месеци, што потоа Апелација ја намалува на седум години затвор.
Еден од симболите на случајот „Тенк“ — луксузниот „Мерцедес“, за кој Поповски беше осуден, сè уште е во сопственост на Службата за општи и заеднички работи при Владата. Претходната влада предводена од СДСМ најавуваше продажба на возилото, со образложение дека е луксузно и скапо за одржување, но тоа не беше реализирано.
Во Одлуката на Сиљановска Давкова, се помилувани осум лица, од кои четири целосно, а четири од делумно извршување на казната.
Ова е второ помилување на претседателката по формирањето на новата Комисија за помилување кој беше комплетирана во ноември. Дел од неа се: проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
Претходниот состав на Комисијата која беше конституирана кон крајот на јули си поднесе колективна оставка, откако дел од помилувањата објавени за 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, предизвикаа реакции во јавноста поради некои имиња кои се најдоа на листата.