• недела, 16 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Грчките опозициски партии негативно ја оценуваат реконструкцијата на Владата

Грчките опозициски партии негативно ја оценуваат реконструкцијата на Владата

Атина, 14 март 2025 (МИА) – Владата и лично премиерот дефинитивно им го вртат грбот на проблемите на граѓаните, коментираше портпарол на ПАСОК Костас Цукалас во однос на реконструкција на Владата што денеска ја направи премиерот на Грција, додека пак портпаролот на СИРИЗА Јоргос Карамерос рече дека „реконструкцијата е навредлива за грчкото општество“, но и дека „премиерот не ја прими пораката“, јави дописничката на МИА од Атина.

Промените во владиниот состав наидоа на негативни оцени, но и коментари од сите опозициски партии во земјата.

Од ПАСОК, партијата што е главна опозиција во Грција, коментираа дека „стратешкиот ќорсокак на премиерот јасно се покажува со реконструкцијата на „малата и флексибилна“ Влада“, дека „рециклира неуспешни министри“, но и дека „единствен приоритет е задржувањето на власта и управувањето со внатрепартиските прашања на Нова демократија“.

- Реконструкцијата го означува почетокот на крајот на системот на моќ на Мицотакис, кој она што имаше да го понуди, го понуди. Се измори и нè измори. Но, земјата и граѓаните немаат повеќе време за губење. Потребата од политички промени е итна и императив, а ПАСОК со својата програма е подготвена да одговори на потребите на општеството, истакна портпаролот на партијата Костас Цукалас.

Портпаролот на СИРИЗА Јоргос Карамерос рече дека при реконструкцијата нема никаква промена на политиката.

- Како и при изборот на претседател на државата, така и сега единствена грижа (на премиерот) е решавањето на внатрепартиските баланси и ништо друго. Луѓето од владиниот кабинет и клучните фигури остануваат на своите позиции во тежок и неефикасен министерски совет од 60 министри. Песочниот часовник на Нова демократија се испразни, рече Карамерос.

Грчкиот премиер претпладнево направи реконструкција на Владата и промени во неколку министерства меѓу кои и оние за национална економија и финансии, за инфраструктура и транспорт, за животна средина и енергетика, миграција и азил, за социјална кохезија и семејство, поморство, цивилна заштита и климатски кризи, како и на неколку заменик-министерски места.

Реконструкцијата на Владата е по масовните протести што пред две седмици се одржаа во Атина и низ цела Грција на двегодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица. ср/рп/

Фото: Архива МИА

Остани поврзан