Книжевноста е либерализам

24.10.2024 12:48
Книжевноста е либерализам

 

Кога Патрик Модијано ја доби Нобеловата награда за книжевност веднаш предизвика очекувани реакции. „По ѓаволите, кој е Патрик Модијано?“ гневно се прашуваше Дејли Бист. Ема Брокс од Гардијан сметаше дека неколку колеги на Модијано - особено Филип Рот - ја заслужиле повеќе.

Но, Нобеловиот одбор не открива само дела кои најдобро ја претставуваат книжевноста како очигледна претпоставена категорија. Станува збор за најпрестижна институција ангажирана во конструирањето нешто врз што е втемелено книжевното, а потоа посветена на универзализирањето на таквата конструкција како несомнен стандард кон кој би требало да тежнеат сите писатели.

Тој стандард донекаде варираше откако е воведена наградата во 1901 година. Но, од Втората светска војна тој се претопи во модел на либерален, хуманистички, идеалистички универзализам кој тежнее да ги нагласи моралната двосмисленост, борбата на поединецот со совеста и отворено аполитичните коментари на светските настани.

Не може да се каже дека изборите и начините на кои се образложуваат се неважни надвор од книжевното поле. Нобеловата награда за книжевност е механизам за маркирање на „сериозното“ и „културното“. Нејзината докса ја содржи претпоставката за неидеолошка вера во одвоеноста на интелектуалците од општественото и политичкото и сугерира дека само оние кои ја прифаќаат оваа конечна одвоеност можат да се сметаат за сериозни мислители.

Тоа најјасно може да се види преку прегледот на основните изрази кои ги користи одборот за избраните автори. Забележана е „потрага по меланхоличната душа на родниот град“ кај Орхан Памук, се слави приказот на „ненадејното вклучување на аутсајдерот“ кај Џон Максвел Куци, истакнато е создавањето „арапска раскажувачка уметност која има вредност за целото човештво“ кај Нагиб Махфуз. Овие изрази се во темелот на либералното поимање на книжевниот израз како израз на посебната моќ на авторот светот да го согледа јасно и вистинито. Како да не постојат структуралното поле на моќта или односите во чии рамки е сместено самото дело.

Книжевното дело ги трансцендира односите, презриво ги набљудува од висина и ги осудува тривијалните локални кавги на конфликтните страни. Делото не ги прикажува, опфаќа или рефлектира општествените и политичките односи. Секогаш е надвор од нив и оттаму ги коментира. Така се слави и Модијано зашто, и покрај локализираноста на неговите дела во еден европски град, „ги прикажува непоимпливите човечки судбини“. Марио Варгас Љоса е награден за „моќните глетки на отпорот, бунтот и поразите на поединецот“. Дорис Лесинг „ја преиспитува поделената цивилизација“, а Харолд Пинтер „ги скрши затворените врати на угнетувањето“.

Се подразбира дека уметноста е способна да ги коментира светските настани само ако може да се одвои од нив. Кога ќе избере писател, Нобеловиот одбор не го разгледува неговото или нејзиното дело како израз на противречните општествени и историски односи. Не го претставува како филтрирање или истакнување одредени општествени кодови. Наместо тоа, одборот јасно ја поддржува идеалистичката слика за писателот како осамен извор и двигател на креативни иновации, експресивно битие чија автентична изворност резултира со единствено уметничко дело.

Но кој всушност избира? Одборот за доделување на наградата главно е составен од бели мажи воспитани во европската естетска традиција, уверени во непристрасната, рефлексивна морална цел на книжевноста. Тие се наклонети кон дела кои го истражуваат општествениот живот на поединецот на сложени и амбивалентни начини. Избегнуваат да ги нагласат карактеристиките на делата кои можат да бидат протолкувани како експлицитно политички, што значи: јасно приврзани до вистината на одреден светоглед, одреден поглед на воочливите проблеми кои можат да се решат со човечки ангажман.

Одборот за доделување на наградата уште од најраните денови бил ангажиран во промоција на писатели дефинирани со својата неутралност спрема светските случувања (во 1901 година наградата ја добил Сали Прудом за својот „возвишен идеализам“), и таквиот начин на истакнување на писателите продолжил во разни облици. Во моментов тоа најчесто значи пофалба за авторите за чие дело може да се каже дека ги надминува локалните околности и ја коментира човечката состојба во поширока смисла.

Како што би рекла Паскал Казанова, да се добие Нобеловата награда значи воздигнување до просторот на светската книжевност, до просторот на автономијата одвоен од формата на детерминираност која ја уништува уметноста. Тоа значи зад себе да се остават сите тие недоразвиени книжевни светови кои се премногу заинтересирани за политичката борба или се под нејзино преголемо влијание.

Наградените книжевни дела кои покажуваат интерес за таквата борба - да се сетиме како постапува Џон Максвел Куци со апартхејдот во Јужна Африка - го изразуваат на сосема посебен начин. Во прашање е дело кое го иритираат „клишеата на повоената реторика од конфликтите од третиот свет“, како што тоа го нарече Тимоти Бренан. Делото е понаклонето да го преиспитува или пародира секој вид отворен радикализам. Тоа е против насилниот отпор.

Ако делото е за „проблемите“, тогаш тие се претставени како да можат да се појават каде било. Односот на писателот кон нив е врамен со контемплацијата, наместо со ангажираноста. Квалитетот на контемплацијата често е загарантиран со чувството на нараторот, херојот или авторот дека живее во постојан егзил, растроеност, отуѓеност и дека единствената заедница што може да ја најде е кога создава уметност.

Модијано е роден во Франција по Втората светска војна и вели дека на неговото дело влијаеле болните сеќавања на Холокаустот и германската окупација. Темите кои се повторуваат се тиранијата, сеќавањето и страдањето. Како Модијани, и другите лауреати - како Шејмус Хини, Алис Манро, Гинтер Грас, Тони Морисон, Габриел Гарсија Маркес и Дерек Волкот - се книжевни во онаа смисла која е препознатлива за космополитската публика навикната на одреден вид трезвен, сложен, амбивалентен „зрел“ литерарен израз.

Секако, ваквата вера во темелната одвоеност на уметноста од идеологијата е несомнено идеолошка и се појавува во одредени историски околности. Трансцендентната, неидеолошка сфера, исполнета со напори за надминување на границите и стапување во неидеолошката универзалност, одлично му служи на транснационалниот капитал и неговите пиони. Таквиот либерален книжевен објект навистина не може да биде посоодветен за контрола: саморефлексивен е, фокусиран на себе, комплициран, амбивалентен и плуралистички. Наместо да се бори тој се предомислува. Не се спротивставува на ништо, освен на она што може да се конструира како догматска опозиција.

И, како што бива, ироничната проценка на догматската опозиција стана важна одлика на академската и популарната рецепција на културата на книжевните награди. Таа е дел од она што Џејмс Инглиш го опишува во прославената книга Економијата на пресижот од 2005 година. Инглиш тврди дека отфрлањето на културните признанија воопшто не ѝ се закнува на централноста на тие признанија кај критичарите и пазарот. Навистина, да се преиспитува валидноста на наградите или одбивањето некоја од нив да се прифати, едноставно значи да се придонесе во креирањето ново занимање за системот на награди и да му се обезбеди понатамошна релевантност. Кога во 1974 година издавачот испратил комичар во име на Томас Пинчон да ја прими Националната книжевна награда Gravity’s Rainbow, книжевната интелигенција имала недели и недели материјал.

Истото важи и за другите гестови на критиката која је претвора книжевноста во стока. Контроверзата се продава добро; нашата загриженост во врска со тоа исто така се продава добро; на тоа му нема крај. Кога писателите одбиваат да доведат во прашање некоја награда, тие не излегуваат надвор од системот. Наместо тоа, едноставно ја утврдуваат својата вредност, зашто знаеме дека голем број критичари и читатели исто така се загрижени заради начинот на доделување на наградите и наметнувањето критериуми со кои се станува награден писател. Единствена можна позиција е иронично да се потврди соучесништвото во целата работа.

Ова е пресудна карактеристика на нашиот книжевен свет, како и, пошироко гледано, на либералниот сензибилитет во моменталниот облик: голема вредност им се припишува на знаците дека некој свесен се вмешал во нешта кои можат да се сметаат за проблематични. Но, ироничното признавање на соучесништвото, како и резигнираната изнемоштеност пред лицето на наградната индустрија која има склоност да цвета кога повеќе е критикувана, се дел од книжевното поле - и токму тоа би требало да биде предмет на нашето истражување. Нема да стигнеме далеку во разбирањето на книжевното поле ако ги толкуваме книжевните награди само како поволни моменти за изразување на афектите: афирмација, одвојување, резигнација, замисленост итн.

Нобеловата награда за книжевност игра пресудна улога во ширењето и универзализирањето на либералните норми на оригиналноста, автономијата и зачудната, амбивалентна контемплација. Таа ја устоличува Европа како централно место на културната посветеност и ја претвора во доблест практичната немоќ на интелектуалецот пред огромните неправди. Тоа се основните карактеристики на наградата. Тие ги покажуваат длабочината на поврзаноста на либералниот идеализам и книжевната мејнстрим култура.

Во идеалистичкиот начин на размислување, кој го поддржува Нобеловиот одбор, книжевноста произлегува од хуманистичкиот либерализам во кој генијалниот писател кој поседува единствени визионерски способности, однадвор го истражува светот, ги одредува неговите реалности и ги претставува како уметност за нашата контемплација.

Поинаквиот пристап ни овозможува да ја разгледаме и позицијата на Нобел, е материјалистичкиот пристап; со него уметноста се посматра како суштински обликувана од околностите во кои се појавува. Дури и книжевноста која себеси се смета за аполитична е вмешана во мрежа од конфликти и е изрешетана со противречности. Позицијата на далечен набљудувач не е природна цел на книжевноста: станува збор за посебен став кој се промовира од одредени причини.

Сосема е неважно дали Модијано ја заслужува славата на Нобеловата награда или не. Поважна од кој било поединечен победник е погрешната желба на комитетот да ја исфрли литературата од политиката.

Сара Брулет е вонредна професорка по англиски јазик на Универзитетот Карлтон, каде предава современа британска, ирска и постколонијална книжевност. Текстов е објавен 2014 година.

Колажи: Weronika Gesicka

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://jacobin.com/

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Книжевност / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Книжевност
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото