Македонија
Стефковски: Почнуваме со контрола на сите угостителски објекти и згради

Секторот за инспекциски работи при општина Гази Баба започна со вонреден инспекциски надзор врз угостителските објекти и станбени згради кои се наоѓаат на територија на Гази Баба.
Инспекцискиот надзор ќе се реалзира во две фази:
1 фаза – контрола на сите угостителски објекти по што ќе се изготви анализа на состојбата за исполнување на законските обврски и подготвеноста на објектите за вршење на угостителска дејност. За секој угостителски објект каде што ќе се нотира неисполнување на законските обврски истиот ќе биде пријавен за постапување на надлежните институции.
2 фаза – изготвен е план за посета на сите станбени згради на територија на општина Гази Баба со цел контрола на хидранските мрежи, пристапите и излезите од објектите за колективно домување.
Согласно Законот за домување и Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради испративме писмено известување до Управителите и Претседателите на Заедница на сопственици на станбени згради дека е потребно:
На видно место (во влезот во ходникот на приземјето на станбената зграда) да се истакне упатство за постапување во случај на природни или други несреќи (план за евакуација);
Да се изврши набавка и проверка на заедничките инсталации и уреди во станбената зграда (ППЗ апарати, хидранти, лифтови и др.) и доколку се утврди дека не се во функција да се пристапи кон нивна замена;
Да се изврши проверка во заедничките делови на станбената зграда дали се чуваат предмети или материјали кои можат да предизвикаат зараза, пожар или друга несреќа и доколку се чуваат да се пристапи кон нивно отстранување.
Дополнително до сите општински основни училишта, детски градинки и ЈКП Гази Баба 2007, доставивме укажување со кое секоја институција, установа или претпријатие во согласност со Закон и без исклучок е должна да има:
Елаборат за заштита од пожари и опасни материи;
Правилник за заштита од пожари и експлозии;
Процена од природни непогоди и несреќи;
План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи;
Противпожарни апарати и противпожарни апарати за електрична инсталација;
Хидранти со црево и млазници;
Инсталирање на детектор за чад и водени прскалки низ ходниците;
Сигнални светилки за движење;
Шематски приказ за евакуација.
-Апелираме за исполнување на законските норми од страна на сите, бидејќи толеранција нема да има за никој! Каде што ќе се утврди неисполнување на законските норми ќе следува санкција од надлежна институција! Општина Гази Баба согласно своите надлежности ќе направи се што е потребно за зачувување на безбедноста на граѓаните, велат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски во ОАЕ: Очекувам плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави

Премиерот Христијан Мицкоски од денеска е во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) каде се најавуваат билатерални средби.
Како што најави, тој во ОАЕ ќе остане до четврток.
„Од денес па до четврток, заедно со тим од Владата, заедно со тим од мојот кабинет, се наоѓаме во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во билатерална посета. Деновите коишто следат очекувам да бидат многу плодни и успешни средби коишто ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави.
Денес, впрочем денот го започнавме со исклучително квалитетна и пријателска би рекол средба којашто ја имав со Неговото височество, претседателот на ОАЕ. На средбата и двајцата ја истакнавме потребата од многу поблиски односи, многу поплодни односи, а јас, од моја страна, накратко ги образложив нашите цели како Влада, но истовремено, го поканив Неговото височество, претседателот на ОАЕ, да ја посети Македонија, а нормално, бизнис заедницата од ОАЕ одблиску да ги согледа сите можности за директно инвестирање во делот на туризмот, инфраструктурата, енергијата, земјоделството и така натаму- нешто што, убеден сум дека може да претставува солидна основа за наша билатерална и подлабока соработка.
Во деновите коишто следат, ќе имам средби со стопанските комори на Емиратите- Дубаи, Абу Даби, Шарџа- како и многу средби со компании коишто се присутни во регионот и коишто покажуваа интерес да инвестираат кај нас, дома во Македонија“, вели Мицкоски.
Македонија
(Видео) „Сите идеали не се вредни колку солзите на едно дете“ со насолзени очи советничка во Кочани си поднесе оставка

Советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кочани, Кристина Атанасова Арсова, денес на седницата за избор на в.д. градоначалник си поднесе оставка и низ солзи ја напушти говорницата.
„Проектите кои им ги ветивме на граѓаните на изборите не беа погодни за раководството на мојот општински комитет, кои понесени од функцијата тргнаа по патот на своите амбиции“, рече Атанасова-Арсова.
Таа како советник им се извини и побара прошка од граѓаните што не успеала да го реализира она што им ветувала во кампањата.
„Пред граѓаните на Општина Кочани дадов заклетва дека ќе ги застапувам нивните интереси. Но, најпрво ќе барам прошка и извинување. Барам прошка и извинување на сите граѓани затоа што не успеав многу работи да реализирам а им имам ветено. Имав храброст и визија, но бев сама. Тоа не беше погодно за челниците на мојот општински комитет. Тие водени од своите суети и понесени од моќта на функциите, кои за прв пат во животот им се случија, тргнаа по патот на сопствените амбиции, притоа заборавајќи ја доктрината на нашата партија донесена 2021 година. За кандидатите имам да го кажам следново. Едниот својот кредибилитет го гради само преку медиумиски ситни реклами. Сите овие години не се запрашал за правилностите или неправилностите на дискотеката, веројатно му годела збавата во објектот по користење на забранети супстанци. Другиот зедно со своите блиски другарчиња, кој пропагира чесност и солидарност, понесен од влијанието на позицијата, тргна по осовојување на било која функционерска позиција со физички напади и јадење на живи луѓе и не го гласаше буџетот, а сега сака да раководи со него. Сметам дека е коректно, функцијата треба да ја превземе претседтелот на општинскиот совет. Мојот здрав разум и заклетва не ми дозволува ниту еден кандидат“, рече таа.
„Во оваа прилика сакам да ја доставам мојата оставка. Мислам дека ова е страшно недостојно и понижувачки. Оние кои ме познаваат знаат зошто го правам ова. Следниот период ќе се посветам на син ми кој е се уште во болница по несреќата. На сите деца кои треба да се вратат и да се рехабилитираат, тоа им е потребно. Периодот ќе биде многу долг. Јас ќе се борам за нив со сите мои сили. Сите идеали на овој свет не се вредни колку што се солзите на едно дете, рече Атанасова Арсова и во солзи ја напушти говорницата.
Македонија
(Видео) Струшкиот градоначалник Мерко го прослави роденденот: „Покажа стабилно лидерство“, го пофалија вработените

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко денеска организираше прослава за 68-от роденден, a вработените во администрацијата на Општина Струга му упатија и честитки и благодарност.
Во објавата на социјалните мрежи вработените во општината пишуваат дека Мерко покажал стабилно лидерство, бескомпромисна посветеност и висока сензитивност кон потребите на граѓаните и вработените во администрацијата.
„Хармонијата и меѓусебното разбирање, како и односот изграден врз основа на заемна почит и отворена комуникација, се доказ за вредностите кои тој ги пренесува во секој чекор од институционалното работење.
Високо ја цениме плодната соработка и позитивната атмосфера која секојдневно ја негува во институцијата што ја води, мотивирајќи нè за чесна, посветена работа со јасна визија.
На овој значаен ден, кој се совпаѓа и со уште еден јубилеен датум, му посакуваме на градоначалникот Мерко добро здравје, семејна среќа и континуирани успеси во неговата натамошна мисија за развој на Општина Струга“, му пишуваат на Мерко вработените во општината.