ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.06.2024
Елена Андоновска, вокал за зачувување на македонската музика и традиција

Елена Андоновска , долгогодишна членка на Националниот ансамбл „Танец“ и студентка на Музичката академија на УГД, е позната по еден од најубавите вокали, како создаден за изворната македонска музика.

Во последните години, токму во насока на зачувување и негување на македонската музика, култура и традиција, Андоновска во рамките на своите самостојни солистички активности, снима неколку албуми, во кои прави препев на макеоднски песни, познати, но и помалку познати за јавноста. Тоа, според неа, е најдобриот начин да се чува нашата традиција.

Сеуште сум студент на Музичката Академија, на катедрата за етнокореологија, го подготвувам мојот магистерски труд, кој што пак ќе биде на една тема поврзана со етнокореологијата и народното пеење кое нели е примарна моја професија. Вработена сум во „Танец“ веќе 18 години, можам да кажам едно полнолетство во оваа институција и така вработена и стартував како студент, меѓутоа секако факултетот и се она што го нудеше како програма ми помогна многу во мојот развој во институцијата која ми е матична, ансамблот „Танец“ – вели Елена Андоновска, со која се сретнавме на отворањето на нови простирии за Универзитетрскиот ансамбл „Македонија“ во Скопје.

Во меѓувреме, таа прави и солистичка кариера. Како се снаоѓа на естрадата, со оглед на нејзиниот карактеристичен глас, кој како да е создаден за македонската традиционална музика и песна…

Ние Македонците прво треба да почнеме од македонската музика, да ја зачуваме, па понатаму да размислуваме за  нешто повеќе

Мојата солистичка актива започна во ансамблот „Танец“, и нели, секако, за еден уметник посебно солист изведувач на народни песни, можеби не е доволна само таа сцена каде што се работи за еден колектив, една колективна работа, јас сакав да се остварам и како носител на свои проекти. Веќе два солистички албуми се снимени, албумот „Кој што ме чуе да пејам“ и албумот „Запејало славеј пиле“, кои одржат по десет обработки на македонски народни песни, се со цел истите да бидат зачувани и запаметени, за да ги лишиме од заборав . Сега го подготвувам третиот албум, којшто ќе се вика „Никнало цвеќе шарено“ , во подготовки сме и за брзо време завршуваме со снимање , и здравје, до крајот на годинава ќе реализирам и свој солистички концерт во Скопје.

Како сите ние, па и државата, да се грижиме подобро за зачувување на македонската музика, култура и традиција…

Еве јас сметам дека сум на добар пат и го користам соодветниот модел со препев на македонските народни песни, иако би потенцирала дека во последно време ставивме акцент на само одреден број на песни со одредени наслови и се фокусиравме на едни исти препеви и на исти песни. Јас секогаш гледам да изнајдам песни кои се малку интерпретирани, кои се малку познати на македонската публика, и на помладата публика, се со цел да се препејат и да добијат еден посовремен контекст и секако да постојат и во денешно време онака како што постоеле некогаш.

Елена се соочи и со блокирање на каналите на социјалните мрежи

 Сметам дека јас го имам одбрано еден од правилните модели, секако и оваа Катедра за етнокореологија исто  така многу придонесува со својата истражувачка работа пред се, исто и концертната актива на ансамблот „Македонија“ , и сметам дека сите заедно би можеле да делуваме и да придонесеме на некој начин да не се заборави македонското културно богатство. Ние Македонците прво треба да почнеме од македонската музика, да ја зачуваме, па понатаму да размислуваме за  нешто повеќе.

Елена имаше еден непријатен момент, кога YouTube и некои социјални мрежи и го забранија каналот, и со тоа и оневозможија на нејзините следачи да ја слушаат нејзината музика. Како гледа на овој момент?

Да, имаше цензура и на мојата фејсбук официјална страна, каде што ме следат скоро 20.000 фанови, и на мојот YouTube канал. Од технички причини, YouTube каналот не можев да го вратам, повторно ги споделувам моите видеа , со нула прегледи. Меѓутоа мене бројките на прегледаност ми значат, секако, но не се пресудни за она што е квалитет и што го произведувам и презентирам пред публиката. Секако дека ќе имаат прегледаност и понатаму. Фејсбук страната успеав да ја вратам и таа функционира, меѓутоа баш ми е жал што македонската музика пречи некому, и некој има потреба да оној слоган којшто редовно го користам – слушајте македонска музика – и навистина треба да ја слушаме, првично ние, ние да ја пренесуваме на нашите деца, на нашите помлади генерации, за истата да постои.

Треба да ја пренесеме македонската музика на нашите деца

      Тоа е и мојата цел, затоа и ги правам овие солистички проекти. Се надевам дека во иднина нема да имам вакви немили ситуации, со тоа што постојано сум опоменувана од овие социјални мрежи дека споделувам содржини коишто некому ги нарушуваат авторските права, мирот, и така натаму. Очигледно дека македонската музика некому може да му го нарушува мирот, меѓутоа јас нема да се откажам одам понатаму, и тоа ете како што најавив со нов проект , со нови сили. Скоро го промовирав мојот видео проект, видео приказна „Запејало славеј пиле“ каде што беа снимени седум песни од мојот втор албум , со една екипа која работеше на аудио материјалот, па исто сакавме визуелно да ја пренесеме, така што тоа беше мојот последен проект кој го споделив на мојот YouTube канал, и ги поканувам сите кои сакаат нека повелат на каналот да ги проследат повторно материјалите коишто ги реобјавив.

На прашањето што слуша приватно, каква музика, Елена вели:

Јас сум опкружена само со народна музика, бидејќи таа е моја професија. Меѓутоа, бидејќи сум дел од група „Седенка“,  и како бенд функционираме најчесто на приватни прослави, па тука можам да изведувам и забавни песни…Слушам музика којашто во моментот ќе направи да се чувствувам позитивно и пријатно. Немам одредена музика којашто ја преферирам, а заради мојата професија би кажала сум повеќе посветена на народната, па заради тоа така ја конзумираме и во нашиот дом, бидејќи со сопругот сме колеги, заедно работиме. Тоа е според нас и моделот да ја пренесеме оваа музика и на нашето семејство, на нашите дечиња.

Yoco Join – иницијатива за поактивни млади
Штип УГД во борба за одбојкарската титула