Ќе има ли истрага за еколошката хаварија во Крива Паланка?
31 март 2025Неколку дена по објавувањето на информациите дека се случила еколошката хаварија во Крива Река, еколошките здруженија и опозициските партии бараат одговори и истрага за случајот.
„Нема информации што ќе се преземе, нема најави за нови анализи, нема план за заштита на здравјето на граѓаните. Дали здравјето на граѓаните е воопшто приоритет за оваа власт? Зошто Владата молчи четири дена откако се потврдија сомнежите дека во Крива Река тече вода со цијанид и тешки метали?“, прашуваат од опозициската СДСМ. Тие ја повикаа Владата и министерот за животна средина, Изет Меџити да одговорат дали ќе се направат нови, целосни анализи на водите од Крива Река, Пчиња и Вардар, но и да кажат какви мерки се преземаат за заштита на водоснабдувањето и храната во регионот.
И поранешната министерка за животна средина, од редовите на СДСМ, Каја Шукова укажа дека за еколошка катастрофа со излевање на отрови, тешки метали и цијанид во Крива Река мора да има кривична одговорност. Според неа, се работи за институционални пропусти кои довеле до директна закана по здравјето и животот на граѓаните.
„Земјоделски површини, бунари, води по теченијата на Крива Река, Пчиња, Вардар се загрозени. Прашањето е: колку граѓаните се изложени на контаминирана храна опасна по здравјето? Сите пазари во Скопје, Куманово, Велес, Паланка – се снабдуваат со производи кои се наводнуваат токму од овие води.Ова е огромен скандал за кој мора да им одговорност. Екоцидот е кривично дело согласно македонските закони“, вели таа.
Долготрајни последици
Истрага за хаваријата побараа и од еколошките и граѓанските здруженија. Според О2 Иницијативата, Крива Река е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.
„И реката Пчиња е загрозена. Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи. Долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури се очекува да има во реонот на општината и соседната општина Ранковце, т.е. Славишко поле“, посочија од Иницијативата и побараа обвинителството да отвори истрага за случајот.
Тие исто така побараа Владата и Собранието да ги изменат законите во насока на јасни ингеренции на инспекторите, зголемена транспарентност при нивното работење, јасно дефинирање на судир на интереси, зголемена одговорност и нивно санкционирање при непостапување.
Се бара кривична одговорност
Активисти на Граѓанската иницијатива Зелен хуман град побараа кривична одговорот за случајот. Според нив, Министерството за внатрешни работи треба по службена должност да започне истрага и да покрене соодветни постапки вклучително и против актуелни функционери во Северна Македонија.
Еколошкиот инцидент се случил на 14 март во период од 6.30 до 7 часот. Според известувањето од рудникот, пукнала цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води до погонот флотација, која не содржи хемиски средства, бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација и содржи само механички онечистувања, односно е заматена. Надлежните соопштија дека рудникот Тораница во Крива Паланка е казнет со 200 илјади евра по еколошкиот инцидент којшто ја „посиве“ водата во Крива Река.
Од Министерството за животна средина, повикувајќи се на информации добиени од рудникот, посочија дека водата е само заматена. Но, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, повикувајќи се на извештајот од акредитирана лабораторија за анализа на водата во Крива Река, на прес-конференција соопшти дека во неа истекле тешки метали од рудникот „Торадница-булмак“, еден од најголемите рудници за олово и цинк во земјата.
Според него, концентрацијата на олово во Крива Река е зголемена за 10 пати повеќе. Големо зголемување има и на концентрацијата на цијанид, фосфор и азот во Крива Река. Општината најави дека за ова загадување ќе бара и кривична одговорност.