Утрински Весник
Свет

Фон дер Лаjен: Европа е обединета против американските трговски мерки

20250403071943 big 730x400 71.webp.webp

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во видео-обраќање на повеќе јазици – англиски, германски и француски – ги коментираше новите царини воведени од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Американските трговски мерки претставуваат „тежок удар“ за светската економија, предупреди таа, нагласувајќи дека Европската Унија подготвува контрамерки доколку не успеат преговорите.


– Веќе го финализираме првиот пакет контрамерки како одговор на царините за челик, изјави Фон дер Лаен во Самарканд, Узбекистан, каде што учествуваше на самитот за партнерство меѓу ЕУ и Централна Азија.

– Дополнително, подготвуваме нови мерки за да ги заштитиме нашите интереси и компании, доколку преговорите не дадат резултат, додаде таа.

Фон дер Лајен предупреди дека последиците од американските царини ќе бидат „огромни“.

– Глобалната економија ќе претрпи сериозни штети, неизвесноста ќе се зголеми, а тоа ќе предизвика нов бран протекционизам. Последиците ќе бидат страшни за милиони луѓе низ светот, особено за најранливите економии, кои сега ќе бидат погодени од највисоките американски царини, изјави таа.

– Граѓаните ќе се соочат со повисоки цени на храната, лековите и транспортот. Инфлацијата ќе расте, додаде Фон дер Лајен.

На прес-конференција истакна дека сите компании, без разлика дали се големи или мали, ќе бидат погодени од првиот ден, поради нарушување на синџирите на снабдување, зголемена неизвесност и дополнителна бирократија.

– Трошоците за работа со САД значително ќе се зголемат, рече таа.

Фон дер Лајен ја потенцираше важноста на заедничкиот европски одговор.

– Ако нападнете еден од нас, сте нè нападнале сите нас. Нашето единство е нашата сила, нагласи таа, додавајќи дека Европа ќе застане зад сите што ќе бидат директно погодени од мерките.

Таа потсети дека Трамп претходно најави воведување на минимална царина од 10 отсто на повеќето увозни производи во САД, а за Европската Унија таа ќе биде повисока – 20 проценти. Ова дополнително ја влошува глобалната трговска војна, зголемувајќи го ризикот од инфлација и забавување на економскиот раст во САД и во светот.

Можете да прочитате

Се откачи кабина од жичарница близу Неапол – четворица загинати

Драма во Германија: Млад маж избол купувачи пред познат супермаркет

Трамп очекува одговор од Русија за мировните преговори за Украина оваа недела