• Горан Упале

Ракометарите на Куманово и Прилеп според планот ја започнаа битката за опстанок во ракометната елита. Во првото коло од плеј-аутот во Суперлигата, Куманово пред својата публика славеше над Радовиш со 24-19, додека во Прилеп, домашниот тим го испрати Борец Фриутленд со празни раце за Велес (28-21).
- Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Радовиш:
Радовишани, кои во пресрет на плеј-аутот во своите редови доведоа неколку странски засилувања, изненадувачки подобро го отворија натпреварот. Гостите имаа контрола врз резултатот и на полувреме заминаа со предност од два гола (10-12). Но, по паузата домашниот тим успеа да се консолидира и да заигра поквалитетно и поефикасно, а тоа резултираше со пресврт и сигурна победа од 24-19.
За победничкиот тим неверојатен настап имаше Давид Димевски со 14 постигнати гола, додека на другата страна искусниот Илиев беше прв стрелец со пет гола.
Успешен старт на плеј-аутот имаше и тимот на Прилеп, кој го одбрани домашниот терен и со 28-21 славеше во соочувањето со Борец Фриутленд.
- Комплетниот натпревар меѓу Прилеп и Борец Фриутленд:
Шабановиќ со шест и Бикоски и Квестек со по пет гола беа лидерот кај прилепчани, а за поразениот тим најрасположен беше Миланов со четири гола.