Годинава тендер за зградите на ФИНКИ и ФФК, како и за кампусот „Мајка Тереза“


Премиерот Христијан Мицкоски денеска посочи дека инвестициите во образованието се меѓу главните приоритети на Владата. Во моментов, како што кажа, се градат седум училилишта, а во тек е и реконструкција на неколку образовни установи.

– Инвестициите во образованието за нас претставуваат значајна ставка. Пред неколку дена имав состанок со министерката за образование. Ќе направиме ревалуација на проектите поврзани со зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК. Очекувам оваа година да биде распишан тој тендер, како и оној за кампусот „Мајка Тереза“, рече премиерот. 

Во септември лани беше донесена одлука за инвестиција во вредност од 34,5 милиони евра за изградба на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза’“ во Скопје, на седница на Владата.

Мицкоски уште истакна дека пратеникот Александар Велјаноски од Тетово го информирал за подготвеност на општествено одговорна компанија да ја финансира реконструкцијата на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

– Набргу таа донација ќе биде ставена на дневен ред на Советот на Општина Tетово, и на тој начин ќе биде исправена уште една неправда, рече Мицкоски.