1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

„Нѐ ограбуваат“: Трамп воведе нови царини за низа земји

БЈ | АРД
3 април 2025

„Нашата земја беше ограбена, крадена, силувана и разграбувана од блиски и далечни народи“: Доналд Трамп најави нови царини за земјите ширум светот. За ЕУ новите стапки се 20%.

https://p.dw.com/p/4scmA
Доналд Трамп
Трамп воведе нови царини за земјите ширум светот Фотографија: Mark Schiefelbein/AP/dpa/picture alliance

Американскиот претседател  Доналд Трамп  најави нови далекусежни царини „за земјите ширум светот“, кои силно ќе ја погодат и  Европската унија.  Претседателот потпиша соодветен декрет. Тој предвидува нови паушални царини од десет проценти за најголемиот дел увози во САД.   За многу земји ќе важат повисоки казнени давачки  во зависност од нивниот трговски дефицит, порача Републиканецот во Белата куќа. Нови царини од 20 отсто се планирани и за стоки увезени од ЕУ во САД. Републиканецот сака на тој начин да го поттикне производството во САД.

 „Тие нѐ крадат“

Трамп зборуваше за т.н. реципрочни царини, што значи дека САД ги зголемуваат онаму каде што моментално наплатуваат помалку од трговските партнери, а наводно со цел да се компензира за нерамнотежата.  ЕУ има царини од 39 отсто за увоз од САД,  рече претседателот. „Тие нѐ крадат. Толку е тажно ова, толку е патетично“, рече Трамп алудирајќи на Европејците. Покрај тоа, треба да има царини од 34 отсто за увоз од Кина, 25 % за Јужна Кореја, 24 % за Јапонија и 32 проценти за Тајван. Ова е најагресивна и најдалекусежна мерка во трговската политика на американскиот претседател. Таквиот потег веројатно ќе има значително влијание врз глобалната економија.  Трговските партнери веќе подготвуваат контрацарини.

„Денот на ослободувањето“ на Трамп

Претседателот претходно денот на објавувањето на царините го рекламираше како „Ден на ослободувањето“. „Овој ден ќе влезе во историјата како денот кога американската индустрија се прероди, ден кога Америка ја врати својата судбина во свои раце и денот кога почнавме да ја правиме Америка повторно богата“, рече Трамп. „Со децении нашата земја беше ограбувана, силувана и опустошена од народи блиски и далечни, од пријатели и непријатели подеднакво“, рече претседателот кој порача дека на тоа му дошол крај.

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп најави нови далекусежни царини „за земјите ширум светот“, кои силно ќе ја погодат и Европската унијаФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Трамп зборуваше за еден од најважните денови во американската историја. „Златното доба“ на САД се враќа, порача тој. Американскиот Сенат ја усвои соодветната резолуција со 51 глас „за“ и 48 „против“.

Царините веројатно ќе одат на товар на потрошувачите

Откако се врати во Белата куќа,  Трамп се потпира на царини  налик на неговиот прв мандат. Тој веќе воведе казнени давачки за увоз на алуминиум и челик, воведе царини од 25 отсто за увезени автомобили и делови за автомобили, воведе зголемени царини за сите стоки од Кина и ги зема на мета соседните Канада и Мексико. Царините за автомобили особено силно ја погодуваат Европа и германскиот пазар.

Увозната царина функционира слично како и данок бидејќи мора да ја плати компанијата што увезува - во овој случај компаниите во САД. Може да се очекува дека компаниите увозници нема самите да ги сносат повисоките трошоци, туку најверојатно ќе ги калкулираат во цените за потрошувачите, предизвикувајќи повторно зголемување на инфлацијата. Целта на Трамп е да ги спречи американските компании да увезуваат производи од странство и така долгорочно да ги промовира САД како производствена локација.

Очекувани последици и за Германија

Бидејќи се очекуваат одмазднички царини и компаниите извозници најверојатно ќе се соочат со пад во приходите, па ова може да доведе до намалено производство и можно губење на работни места, што може да ја оптовари економијата како целина. Ескалирачки трговски конфликт меѓу САД и ЕУ ќе има значајно влијание и врз германските потрошувачи.

Ова го очекува и претседателот за надворешна трговија, Дирк Јандура. „Зборувам сосема отворено: ќе го почувствуваме ефектот“, изјави претседателот на Сојузното здружение за трговија на големо, надворешна трговија и услуги за новинската агенција Ројтерс.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент ги предупреди погодените земји да не одговорат на новите царини со одмазднички мерки оти тоа според него ќе доведе до ескалација, како што рече Бесент за Фокс њуз.