Политика на етикетирање

16.10.2024 03:48
Политика на етикетирање

Да, и мене не нарекуваат „кокос“. Кога наставничката Мариеха Хусеин ја напиша оваа порака на транспарентот што го носеше на пропалестинскиот марш минатиот ноември, тоа претставуваше исмејување на тогашниот премиер Риши Сунак и неговата министерка за внатрешни работи Суела Брејверман, заради нивната ужасна имиграциска политика и поддршката за израелската војна во Газа. Тој израз се користи и за омаловажување на луѓето од левицата, чии политички ставови се сметаат за премногу „бели“.

Поради тој транспарент, каде лицата на Сунак и Брејверман се поставени помеѓу кокосови ореви под палма, Хусеин заврши на суд, обвинета за расистички квалификувано кршење на јавниот ред. Минатата недела тужбата беше отфрлена, зашто нејзиниот гест судот го прифати како легитимна „политичка сатира“.

„Кокос“ - што значи да се биде браон или црн однадвор, но бел одвнатре - претставува евтина, невкусна навреда, но не онаква која би требало да ѝ биде трн во око на државата (иако Хусеин не е првата личност на која ѝ се судело заради тоа). И тоа што ваквите зборови ги користат антирасисти и обидите на властите да ги криминализираат, покренуваат подлабоки прашања за контролата на говорот и карактерот на антирасизмот.

„Законите кои го регулираат говорот на омраза мора да служат за да ве заштитат“, рече Хусеин по победата во судот, „но ова судење покажа дека правилата се користат како средство за таргетирање на етничките малцинства“. Навистина, долга е историјата на злоупотребата на овие закони за криминализација на малцинствата. Законот за расни односи од 1965 година ја воведе првата законска забрана за поттикнување расна омраза во Британија. Меѓу првите кој беше осуден на затвор според овој закон беше активистот од тринидадското движење Црна Моќ, Мајкл Екс.

Црните активисти во Америка одамна наведуваат дека нивните постови често се отстрануваат од социјалните мрежи зашто и нивната критика на расизмот се смета за расистичка. Минатава година ја видовме цензурата на пропалестинските гласови, често не заради промовирање омраза, туку заради критиката на Израел, па дури и заради барањата за прекин на огнот. „Луѓето го толкуваат говорот на омраза многу широко“, забележува американската правничка Џеневив Лејкиер.

Поуката од тоа искуство гласи „внимавај што посакуваш“. Не е тешко да се сфати зошто многумина сакаат да го забранат говорот на омраза. Но растегливоста на концептот „омраза“ значи дека на мета можат да бидат токму малцинствата и луѓето кои се борат за социјална правда кога државата го криминализира таквиот говор.

Меѓутоа, она што треба да нè загрижува не е само државната контрола. Многумина ја оправдуваат употребата на изразот како што е „кокос“ како политичка критика. За Кехинде Ендрјус, професор по црни студии на градскиот универзитет во Бирмингем, тоа е израз на „политичка критика на оние кои ја поддржуваат белата супремација“.

Далеку од тоа, таквите етикети служат за избегнување на вистинскиот политички ангажман, заменувајќи ја критиката со навредливи етикети. Да се означи некој како „кокос“ значи да се расизира политичката дискусија, да се инсистира на тоа дека постојат одредени аргументи или начини на размислување, кои се црни или браон и други кои се бели.

Црните и азиските заедници се политички разновидни исто како и белата. Има радикали и реакционери, конзервативци и либерали, расисти и антирасисти. Основа за критиката на Сунак и Брејверман не е тоа што „размислуваат бело“, туку тоа што политиката им е реакционерна - и тоа по секое прашање, од имиграциите до правата на работниците, од Палестина до социјалната држава.

Адвокатот кој ја застапуваше Мариеха Хуесин во судот рече дека антирасистите имаат право „да ги критикуваат припадниците на својата раса заради водењето расистички политики“. Тоа е точно - но зошто се фетишизира расата? Фактот дека Сунак и Брејверман ѝ припаѓаат на „мојата раса“ не е релевантна ни за нивните ставови ни за мојата критика на истите.

Расизирањето на политичките ставови не само што ги прикрива вистинските причини зошто ставовите на луѓето како Сунак или Браверман се малигни, туку и им олеснува на некои антирасисти да го контролираат говорот на другите. Оние кои ги оспоруваат современите модерни норми, како идентитетските политики, или ги доведуваат во прашање концептите како што е „културната апропријација“, се отфрлаат како „премногу бели“. Тоа е облик на контрола кој на некои им овозможува да си земат за право да дефинираат што не смее да каже или да верува црната или браон личност ако сака да остане автентично црна или браон.

Сите заедници имаат такви контролори. На пример, во муслиманските заедници некои групи и личности, вообичаено религиозни и конзервативни, инсистираат на демаркација на она што може да се каже за заедницата и она што може да го каже заедницата. Таквите луѓе и организации поширокото општество премногу често ги прифаќа како претставници на муслиманските заедници.

Слично на тоа, Евреите за кои се смета дека недоволно го поддржуваат Израел или кои водат кампања за палестинските права се етикетирани како „Евреи кои се мразат себеси“ или како „еврејски отпадници“. Така политичката дебата се претвора во прашање на идентитетот и автентичноста, средство за делегитимација на критичките ставови како предавство на еврејското наследство. Треба да му се спротивставиме на таквото иследување каде и да се појави.

Политиката на етикетирање не е исклучиво левичарска појава. Десницата често е уште пожестока во денунцирањето на идеите кои ги презира како „освестени“, а тоа стана средство за обележување територија, наместо учество во смислена дебата. Тоа е болест на нашето време.

Во снимката која ја велича употребата на изразите како што се „кокос“, „куќен црнец“, „чичко Том“, „Орео“, па дури и „црнчиште“, Ендрјус се повикува на Франц Фанон, алжирски револуционер роден на Мартиник, за да ги оправда своите ставови. Иако е починат пред повеќе од 60 години, во денешните културни војни Фанон стана централна фигура, која ја слави идентитарната левица, а ја демонизира десницата која војува против освестеноста.

Фанон беше комплексен, понекогаш контрадикторен мислител, кој не е лесно да се етикетира како што многумина би сакале денес. Ја отфрлаше фетишизацијата на расата и идентитетот. „Моите постапки не ги одреди црниот свет“, напиша во книгата „Црна кожа, бели маски“, која ја фали Ендрјус. „Мојата црна кожа не е пакување на специфични вредности“.

На Фанон не му беше важен расниот идентитет, туку политичките вредности и општествената акција: „Секогаш кога некој придонел за победа на достоинството на духот, секогаш кога некој се спротивставил на обидот за потчинување на неговите блиски, чувствував солидарност со тој чин.“ Денес, многумина би можеле да учат од отвореноста и ангажираноста на Фанон.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Lola Dupre

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото