Главна карактеристика на безбожниците е самооправдувањето

Какво е однесувањето на повеќето луѓе при влегувањето на Богочовекот Христос во Ерусалим? Крајно неодговорно и превртливо; на луѓето им е само до некаков вид забава, театар – прво Го пречекуваат Христос во слава, па бараат да се распне наместо некој популарен разбојник, за на крај – божем Го жалеа. Тие се постојано насочени кон некаква сензација надвор од нив, тие се постојано надвор од себе, надвор од своето срце и Царството Небесно – таму притаено. Излезени надвор од себе, не да се дадат, туку да земат. На што се должат овие и вакви промени во нивното однесување? Се должат на болното самољубие. Се должат на безверието, т.е. на потпирањето на својата сигурност и безбедност на силите од овој свет – власт, богатство, а не на Бог. Следствено, се должат на барањето само на својот личен интерес – за задоволувањето на страстите и барањето и очекувањето на овоземно царство – кое сето тоа ќе им го овозможи, како и очекувањето на овоземен цар. И ништо од тогаш до денес не се променило. И што бараат, тоа и ќе најдат. Само што Небесниот Цар, Kој владее над небото и земјата, е Христос, а овоземниот цар – што го чекаат, кој не владее над ништо – освен над тие кои му се покоруваат и така се поистоветуваат со ништото, е антихристот. А да ги прашаш зошто така се однесуваат, тие вината секогаш ќе ја видат во некој и нешто надвор од нив; и никогаш во себе. Тоа е главната карактеристика на безбожниците – самооправдувањето. Самооправдувањето е директно отпаѓање од Бог. Поради истото ќе паднат и на Страшниот Суд – „кога Tе видовме Господи?“. Да, Го пречекаа како обичен човек, мислеjќи дека е некој овоземен цар; кога се разочараа во Него – побараа да биде распнат, за на крај – да си помислат дека можеби малку претераа; но, никогаш не Го препознаа како Бог.

Митрополит Струмички г. Наум.

Денес, кога Црквата си спомнува за Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим- Цветници, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи Света Божествена Литургија во сослужение на викарниот Епископ Стобиски г. Јаков во манастирот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици во Струмица.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Пронајдете не на следниве мрежи: