Коалицијата Вреди продолжува со интензивни преговори во пресрет на локалните избори, а од таму потврдуваат дека се одржала важна средба за ова прашање. Членовите на коалицијата работат на финализирање на деталите, по што ќе биде објавен официјален став од лидерите.
Министерот за здравство, Арбен Таравари, исто така, ги демантираше гласините кои кружат во јавноста дека планира да ја напушти владината коалиција. Во својата изјава за медиумите, тој нагласи дека преговорите продолжуваат и дека целта е да се најде заедничко решение за сите проблеми.
„Не, засега не. Работните групи меѓу пратениците сè уште водат преговори, така што се надеваме дека ќе најдеме заеднички јазик. Ако не, тогаш ќе видиме како понатаму“, изјави Таравари.
Во исто време, пратеничката група на Вреди активно работи на стратегија за настап на локалните избори. Како што потврдуваат од коалицијата, последната средба беше клучна за дискутирање на важни аспекти и договори пред официјалната комуникација со јавноста.
Таравари во претходните денови јавно призна дека во рамките на Коалицијата Вреди постојат несогласувања во однос на подготовките за локалните избори, што дополнително ја зголеми напнатоста во партијата.