• Горан Упале

Кружниот напаѓач на ГРК Охрид, Живан Пешиќ, го најави дербито на колото во плеј-офот од Суперлигата.
Во салата „Билјанини Извори“ вечера гостува шампионот Еурофарм Пелистер, а Пешиќ посочи дека, и покрај проблемите со повредени играчи, на паркетот ќе го дадат максимумот за да изборат поволен резултат против фаворитот.
„Нè чека сериозен противник, актуелниот шампион на Македонија. Ние сме ослабени со отсуството на двајца ракометари. Ќе дадеме сè од себе да се покажеме во најдобро светло. Мислам дека сите ние сакаме да обезбедиме што подобар резултат.
Нашата цел е пласман во Европа и затоа на секој натпревар во плеј-офот ќе одиме на победа. Посакуваме трибините да бидат исполнети што е можно повеќе, не само на овој натпревар, туку и на сите останати во плеј-офот“, рече Пешиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер е закажан за 18:00 часот. Еден час претходно, во Автокоманда ќе се судрат Алкалоид и Тиквеш.