Македонија
„Затворена Кардиохирургија, без да се обезбеди алтернатива“, партијата Левица бара оставка од Таравари

„Скандалозниот случај со починат пациент на Клиниката за кардиохирургија, поради некоординираност и неодговорност на власта, мора да резултира со одговорност и оставка на министерот Таравари. Иако Таравари упорно манипулира со јавноста, фактите се јасни и потврдени во извештајот на Државниот здравствен иинспекторат“, велат од партијата Левица.
„Односно, министерот Таравари поради реконструкција ја затвори единствената сала на Клиниката за кардиохирурхија, без да обезбеди соодветна алтернатива кај приватните болници, кои инаку добиваат мегаломански суми од Фондот за здравство. Да се затвори болница која изведува операции на пациенти во животно-загрозувачка состојба и притоа да не се менаџира соодветна алтернативна, е ништо друго освен крајна неспособност и неодговорност, која заврши со изгубен живот на пациент.
Од однесувањето на Таравари може да се заклучи дека министерот или воопшто не е информиран што се случува на клиниките или свесно ги остава да тонат, со оглед на тоа што министерот не знаеше дека на клиниките нема ниту набавени стентови. Таравари, бегајќи од одговорност, не даде ниту одговор каде да се оперира пациент со истата дијагноза на пациентот кој почина на Клиниката за кардиохирургија.
И ова не е изолиран случај, туку целокупната работа на министерството за здравство е проследено со скандали, некомпетентни кадровски решенија и сомнителни тендери за провизии. Потсетуваме дека министерот Таравари минатата недела манипулираше дека има лекови за онколошките пациенти, за потоа самиот да биде демантиран од директорот на Фондот за здравство дека поради тендер, повторно доцнат лековите.
Ноншалатното однесување на Таравари, кој неколу дена избегнува да даде одговор зошто не било соодветно изменаџирано затворањето на салата на Клиниката за кариохирургија, не смее да помине без одговорност. Не смее власта на Мицкоски да го штити катастрофалното работење на Таравари заради мир во коалицијата, која чини изгубени животи на пациенти. Левица бара итна и неотповиклива оставка на министерот за здравство Таравари!“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се огласи антикорупциската комисија: „Продолжуваме редовно да функционираме“

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се огласи по вклученоста на нивната претседателка, Татјана Димитровска, како осомничена во истрагата за случајот „Адитив“.
Од ДКСК велат дека во рамки на своите надлежности, продолжуваат да функционираат редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи“, се додава во соопштението на антикорупционерите.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имот и на неговото семејство.
Покрај тоа што и’ e одземен пасошот, кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за сите изборни сценарија – за локалните, но и за евентуални предвремени парламентарни избори

СДСМ е целосно подготвен за сите можни изборни сценарија – како за редовните локални избори така и за евентуални предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што информира, процесите во рамките на партијата во поглед на локалните избори веќе се во тек – се спроведуваат внатрепартиски анкети во повеќе општини, се одвиваат разговори на разни нивоа и десетина кандидати за градоначалници ќе бидат промовирани во текот на следната недела.
„Коалицијата предводена од СДСМ, во која учествуваат 14-15 партии, начелно ќе настапи заеднички на локалните избори. Разговорите за советничките листи се почнати иако не во сите општини со иста динамика имајќи предвид дека во одредени општини партиите ќе настапуваат самостојно. Но, останува определбата за заеднички настап како коалиција“, истакна Филипче.
Паралелно, додаде, почнати се и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери.
Филипче истакна дека СДСМ останува отворен за разговори со сите политички субјекти и е целосно подготвен да одговори на секој можен политички развој во наредниот период.
Македонија
(Видео) Филипче: Владината коалиција е нефункционална

Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е нестабилна и не функционира добро. Ваква е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче во однос актуелните случувањата во владината коалиција.
„Во краток временски период јавноста е сведок на дијаметрално спротивни изјави во однос на можноста за предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го чувствуваат секој ден“, потенцираше Филипче во одговор на новинарско прашање.
Тој упати критики и за севкупниот перформанс на Владата што, како што оцени, на повеќе нивоа е загрижувачки.
„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте, клучни институции посебно во овој временски период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на владата“, оцени претседателот на СДСМ.
Според него, особено загрижувачка е селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, со која, како што реле, наместо целосна одговорност, се прикриваат поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.