• Мартин Танасковски

Македонскиот тренер Борче Христов нема повеќе да работи во азербејџанскиот фудбал каде беше член на Зира за да може во целост да се фокусира на новата функција која ја доби во Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ).
Еден од заслужните за големиот напредок на младинскиот фудбал во Азербејџан, како генерален менаџер на Карабах, беше дел од Зира две сезони. Во интервју за „Азериспорт“, Христов потврди дека нема повеќе да биде дел од клубот.
„Сите работи се случија многу брзо, за време на одморот во Македонија. Имаше промени во федерацијата, нов претседател е господинот Масар Омерагиќ, познат бизнисмен и поранешен фудбалер. Горан Пандев и други познати имиња се вклучија во неговиот тим, а јас добив понуда да го водам Центарот за едукација. Разговаравме со Рашад Садиков, заедно одлучивме дека најголема чест е да добиеш понуда од твојата фудбалска федерација, затоа што таму работиш за доброто на домашниот фудбал. Во оваа прилика, сакам да му се заблагодарам на Садиков за разбирањето кое го покажа кон мене“, изјави Христов.
Борче Христов е носител на тренерска ПРО лиценца и во тренерската кариера во Македонија ги предводеше Шкендија, Еуромилк ГЛ, Македонија Ѓорче Петров, Цементарница и Борец, додека во азербејџанскиот фудбал беше од 2017 до 2019 во Карабах како главен на Академијата и од 2023 до 2025 во Зира каде беше асистент.