„Грците беа спремни за ова сценарио, најлогично е да се поништи првиот меч!“

Ѓорѓе Чирковиќ, поранешниот тренер на Еурофарм Работник, а сегашен на Партизан, ја коментираше одлуката на ЕХФ за дуелот против АЕК од Атина во рамки на Европскиот Куп на ЕХФ да се игра во друга земја.

Заради навивачки хаос, ЕХФ одлучи мечот меѓу српскиот и грчкиот клуб да се игра во празна сала во друга земја, а една од најверојатните опции е Македонија затоа што е близу до двете земји. Чирковиќ го коментира целиот случај, вели дека е неправеден.

„Ќе се воздржам од коментирање на одлуката на ЕХФ, бидејќи двете страни имаат право на жалба и во следните два до три дена, кога ќе ја добиеме конечната одлука, можеме да се позиционираме и соодветно да одговориме.

Клубот ќе се бори законски, но морам да признаам дека е многу потценување да мислиме дека ниту една празна сала во Србија не е доволно безбедна, туку да бараме натпреварот да се игра во друга земја без присуство на навивачи. Факт е, и јас го видов тоа со свои очи, дека Грците само чекаа можност и беа подготвени за ова сценарио. Едноставно им одговараше. Тие еднострано одбија да дозволат одржување на реваншот.

Кога ќе се потсетиме на се што доживеавме во Атина, а не се повлековме од теренот, тогаш би било фер тој натпревар на неутрален терен да решава за следна рунда, а резултатот од првиот натпревар да биде поништен. Ако сакаат спортот да победи, тоа е единствената логична и праведна одлука“, смета Чирковиќ.

ЕХФ одлуката за мечот меѓу Партизан и АЕК ја најави во среда.