Економија

Колкава е побарувачката за производите „Made in Germany“?

23.03.2025

Германија доминира во светскиот извоз во 180 категории стоки, покажува студијата на Институтот за германска економија во Келн. Сепак, Германија не може да им парира на САД.

Според студијата на Институтот за германска економија во Келн (IW), од вкупно 5.300 анализирани категории на производи, Германија држи најмалку 30 отсто од светскиот извоз во 180 категории.

Кај развиените индустриски земји, САД доминираат во конкуренција со 347 производи.

- Ова секако е поврзано и со големината на американската економија, велат истражувачите.

Германија е релативно добро рангирана во меѓународната конкуренција, надминувајќи ги земјите како Италија (141), Франција (73) и Јапонија (околу 100).

Сепак, Кина е далеку пред сите: со 1.535 видови стоки, оваа земја е светски лидер во извозот. Според студијата, од 2010 година Кина речиси го удвоила бројот на категории на производи во кои доминира на глобалниот пазар.

Германскиот извоз е особено силен во хемиската индустрија, машинскиот и електротехничкиот сектор, како и во производството на обоени метали.

Германија има повеќе од 90 отсто учество во светскиот извоз на некои специфични производи, како што се одредени видови ѓубрива, лекови против болки и други хемиски производи.

Во машинскиот и електротехничкиот сектор, Германија сочинува повеќе од 50 отсто од светскиот извоз во одредени категории, вклучувајќи микроскопи, земјоделски машини за берба, контролни инструменти и камионски дигалки, објави Дојче веле.


фото freepic  

ПРЕПОРАЧАНО