Пазарче „Буњаковец“. „Луксузна локација“ скриена зад купиштата ѓубре и урбаниот хаос… За мене, Буњаковец е копче на кое пишува rewind. Притискам и се враќам. Се враќам во едно минато, кое иако избледено, сепак е живо. Како стар графит, измиен од дождовите на времето. Шарени букви, избледени контури, но пораката уште е таму. Чека да биде видена.

Сендвичарата „Флорида“. Името звучи како реклама за егзотична дестинација, а таму… плескавици и ќебапи. Како клинци одевме таму. Па и како студенти. Задолжителна рутина: Читалната „Браќа Миладиновци“ – мозoчна тортура (демек учиш, уствари се вртиш по женски), па бегство кон „Флорида“.
Не знам кога точно се појави „Флорида“, ама кон крајот на 90-тите таму се лепевме како пчели на мед. Се сеќавам на Кинки, нашиот откачен другар. Вечно бараше логика таму каде што нема. Еден ден ги праша жените кои вредно и вешто, к’о жонглерки во циркус, вртеа плескавици и ќебапи – зошто баш „Флорида“? А тие, со потајна насмевка, како да му откриваат државна тајна од прв ред, му шепнаа – газдата живеел на Флорида. Ете. Мистерија решена. Или можеби не? Можеби газдата никогаш не стапнал на Флорида. Можеби тоа е само урбана легенда. Како онаа за подземните тунели под Скопје или јавниот тоалет на плоштадот.
Но, што нѐ влечеше таму? Дали беше само сендвичот? Дали беше името „Флорида“? Или можеби нешто трето? Беше миризбата. Ужасна, да бидам искрен. Се ширеше како нуклеарна експлозија, барем десет метри во радиус. Тешка, мрсна, проткаена со кромид и изгорено масло. Но, сендвичот беше слем-поезија! „Хамбургер со 5 ќебапи и смртна доза кромид“. И сето тоа за само 35 денари! Во Седмица дупло поскапо. Хамбургерска аристократија, ваљда? Во тоа време, во таа дива, пост-социјалистичка Македонија, „Флорида“ беше симбол. Капитализам со социјалистички вредности во сендвич. Американски сон спакуван во мрсна хартија. Преживеа сè и живее до денес! Благодарение на сендвичот „шитче“. Така го викавме, да. Шитче. Поезија!
И тогаш, помеѓу библиотеката и пазарот, се појавија светлата на иднината. Импровизиран влез, директ од паркингот на библиотеката. Интернет-кафе. Таму се поделивме, едни за интернет, да истражуваат необични идеи, како мене. Други за игри, да избегаат од реалноста. Counter-Strike! Пукање, бомби, адреналин, виртуелна војна во тоа тајно сопче на библиотеката. Тогаш се појавија и некои деца со крадени кредитни картички. Патики на Адидас, цедеа, јакни… сè се нарачуваше преку нет. Кружеше една приказна која стана легенда. Некој демек нарачал Порше! Стигнало на царина, чекало газда. Дошла полицијата, чекале и тие. Газдата го нема. Мит? Можеби. Но, тој дигитален грабеж сериозно го оштети кредитниот рејтинг на нашата држава. Мислам дека до ден денес сме на црна листа заради тоа и Пејпал нѐ избегнува. Лоша карма? Да ви кажам нешто за лошата карма на Македонија… или си знаете – си знаете!
Ете ме денес, 40-и-кусур годишен човек на точак кој чкрипи (или се моите коски?) со фотоапарат во рака се враќам да го посетам Буњаковец. Еј, детство… младост… поминати тука – каде сте? Ги нема. Има само згради, возила и бетонска џунгла. Сѐ е туѓо и ништо не познавам. Ниту едно лице не ми е познато. Како да сум паднат од Лисиче Будало. Но, сега ме интересираат графитите, буквите кои врескаат од ѕидовите. Тие се духовите на Буњаковец. Ги препознавам имињата. Микс и Дарма ПСЖ, Вутар и Раск од ЕБСФ. Тама, Side и Olive Captn. Екипата ЕШТ. Нови генерации. Нови приказни.



(Размислувам… им правев интервју на Pack и Вутар, ЕБСФ ми е солидно покриена. Но, што е со ЕШТ… тие се насекаде, го освојуваат градот. Арис, Снејк, Лопов, Буск, Рубик, Бонус, Крис, Делириум како вирус се шират низ скопските улици. А Дебар Маало? Веќе пишував. И таму ги има. Треба да тргнам кон Карпош. Мисијата – мапирање на цело Скопје! Па и Македонија… зошто да не? Ќе ја направам најголемата архива на графити на Балканот! Тоа ќе биде моето наследство.)



Пред мене се веќе муралите на Градежниот факултет, огромни и шарени, како да зборуваат. Пред да го заградат со ограда, се сеќавам, тоа беше мојот секојдневен пат. Од Дебар Маало, кон О.У. „Песталоци“ – градено по факинг сеизмички стандарди (не ко денес, гипсани картони!). Уште пред да завршам основно, се појавија огромни дупки за кои подоцна дознав дека се темели за новиот трговски. Морав да заобиколувам, да одам по друг пат. Но, животот е заобиколување. Луѓето се тргаат и прават простор за згради. Потоа други луѓе ги полнат зградите… и така во недоглед. Тоа е тоа – нашето новокомпонирано Скопје. Градење без ред, без план, без пардон. Кој може – освојува, а другите се тргаат. А јас? Јас снимам, фотографирам, документирам.
Никогаш не бев студент на Градежен, но бев чест посетител таму. Сум поминал многу вечери на јавната говорница на факултетот во разговор со мојата девојка. Ѝ раскажував за моите соништа, моите идеали, (никогаш ништо практично – исто ко денес!) а таа слушаше и ми веруваше (сè уште ми верува). Тогаш немавме ништо, а сепак – имавме сè.




Градежен… прекриен со цртежи, спомени и надежи. Архитектонски формули, багери и еколошки пораки. Но, забот на времето е безмилосен, боите се лупат и ѕидовите се ронат. Забораваме дека и на зградите им треба нега и внимание. Како и на сè друго во оваа наша мала и сиромашна држава. Не само на зградите, и на луѓето и нивните спомени. Треба да се грижиме за она што го имаме, пред да го изгубиме.
На ѕидовите… NAK/CND/GF 8292. Еден од пионерите на сцената, еден од ветераните. Незгоден тип, улична фаца – не се заебавај со него, ни со Страјк! Правата скопска графити сцена. Потоа неколку пароли и стенсили. „Сите одеа средно, јас одев среден…“. „Еден бубрег = еден семестар“. Студентски пленум“. И на крај Inna Nameless, Драш – легенди кои го бојат сивилото на градот.


Се враќам назад и доаѓам карши Ким, кајшто порано беше ЗОТ, во близина на СФ и Соборниот Храм. Веќе пишував за овие локации и затоа преминувам на другата страна, кон Порта Буњаковец. Потрагата по изгубеното време е последното парче од сложувалката за мојата младост. Сега е тука, го најдов.
И тогаш… разочарување. Задната страна на Порта Буњаковец е како авет од минатото. Дури почнувам да се прашувам за мојата улога. Дали сум само неофицијален архивар на едно ново Скопје? Дали сум само турист во сопствениот град? Зошто го правам ова? Што сакам да постигнам? Некој кој е скоро 20 години жител на Аеродром е навикнат на напуштени дуќани, графити преку нив, руини, запустени трговски центри, како „Скопјанка“. Да, пишував и за неа. И за валканоста, ѓубрето, распадот и безнадежноста. Но, не го очекував тоа среде Центар! Во срцето на градот каде квадратот веќе достигнува и над 2.000 евра, а локациите се продаваат како луксузни! Парадокс и апсурд откриен преку светот на графитите… цртањето по автомобили и дуќани е забрането со непишано правило помеѓу цртачите. Но, ако се напуштени… правилото може и да не важи. Веднаш до мене… графити на странецот Kuchen, кој како непоканет гостин се потпишува насекаде, како куче кое моча по бандери и жардињери. Без почит, ни кон имотот, ни кон наследството, ни кон архитектурата. За него една работа е света – неговиот спреј.




На фасадите среќавам неколку поубави парчиња од Рубик, Арис, Бурек, Snake и Пипер од СБК КТС. (Се прашувам дали оваа екипа е пред или после ЕШТ? Ете, тема за ново интервју!) Тоа се новите генерации талентирани деца. Навлегувам внатре во трговскиот Порта Буњаковец. Kuchen e повторно потпишан врз дуќани!







Тука е и легендата на сцената – Џез 83. Еден од основоположниците, графити ветеран. Поновите генерации го поштедиле, го оставиле да исчезне природно, под влијание на времето. Тука е и Poked со редок таг. Мг. Poked и неговиот поинаков стил. И еден голем мурал кој ме потсетува на Зеро. Дали некој се сеќава на уметничката група од 1980-тите „Зеро“? Веројатно не. И тоа ќе го заборавиме.




На крај – изненадување е еден креативен stickman со стенсил наместо глава кој ме гледа потсмешливо додека ја напуштам сцената на злосторството. Не сум среќен. Не сум тажен. Некако се чувствувам тапо, како да џвакам хартија. Но, во фотоапаратот имам нова архива графити. Добри, или грди – сите се дел од мапата на ново Скопје. На нашиот г(р)ад.

(Како ви со допаѓа крајот? Баш убав и поетичен, нели. За жал во животот нема заклучоци, се тече, се се менува, и овие графити ќе ги снема, и луѓето ќе бидат заменети со згради во кои ќе живеат некои други луѓе… Се чувствувам празно. Можеби треба да престанам да го правам ова. Дали оваа архива му значи нешто на некој. Или зборувам сам со себе. Но… секогаш се враќам и го правам истото, како да морам. Зошто? Не знам. Можеби сум мазохист. Можеби само сакам да ја раскажам приказната. Пред да биде заборавена. Ете.)
За повеќе графити од локацијава посетете го линков.
Другите графити приказни се наоѓаат тука.