Достапни линкови

(Не)редовни вежби за евакуација во училишта и градинки


Илустрација - училница
Илустрација - училница

За брз и добар одговор во кризни ситуации - пожар, земјотрес, поплави, децата треба да бидат обучени со што пореални сценарија, препорачуваат експертите. По пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ власта најави зајакнување во подготовка на учениците, но нема податоци дали и колку се прават вежби.

Симулација на пожар во струмичкото основно училиште „Сандо Масев“. За помалку од шест минути, над 600 ученици и триесет наставници се надвор од трикатниот објект.

Пред пет години, за ваква евакуација, потребни им биле околу девет минути.

„Се намалува времето и тоа е многу битно за нас бидејќи бројката е голема и ова потврдува дека повторувањето навистина значи, како во секојдневието, за совладувањето на образовните вештини, така и на овие, практичните“, изјави директорката на училиштето Драгица Спасова за Радио Слободна Европа (РСЕ) по последната евакуациска вежба, на 27 март.

Вакви вежби се прават најмалку еднаш годишно, но по пожарот во кочанската дискотека, во кој на 16 март починаа 59 лица, а околу 180 беа повредени, Спасова вели, учениците имале многу посериозен пристап кон вежбата.

Симулации како оваа, училиштата реализираат со помош на локалните противпожарни единици, но вакви вежби спроведува и Црвен Крст преку тимот за одговор при катастрофи.

„Овие вежби се реализираат секоја година по барање на училиштата“, велат од Црвен Крст на Град Скопје за РСЕ, но не одговорија во колку училишта годишно спроведуваат вакви вежби.

„Ниту еднаш не сум слушнала дека во училиште моите деца имале ваква вежба“, вели мајка на двајца основци од Скопје.

Во општина Кисела Вода на пример, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, редовно се спроведуваат обуки и вежби за справување со пожари и кризни ситуации. Тука, вежбите ги реализира Дирекцијата за заштита и спасување, во координација со општината и училишните раководства.

Но, од разговори со колеги градоначалници, како претседател Заедница на единиците на локална самоуправа - ЗЕЛС, Ѓорѓиевски забележува дека ова е пракса во голем број на општини, но не во сите.

„Постојат општини кадешто ова не се случувало. Токму поради тоа, како претседател на ЗЕЛС, упатив препорака до сите општини ова да стане стандардизирана пракса и обврска за сите училишта“, вели Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека во моментов на државно ниво се спроведуваат инспекциски проверки на хидрантските мрежи, постоењето на планови за евакуација, пристапноста до безбедносни излези и противпожарната опременост на училиштата.

Колку всушност учениците се подготвени за соодветна реакција во кризна ситуација?

Ланската анализа на Здружението за социјални иновации и одржлив развој РАДАР, спроведено во Кочани, Берово и Кавадарци, покажала недостаток на обуки и свест за заштита од пожари и потреба од итни мерки за едукација на граѓаните, особено во училиштата.

Анализата на РАДАР во Кочани укажала на ниско ниво на информираност и учество, недоволна вклученост во противпожарна подготовка, недостиг на обука и вежби, како и слаба информираност за плановите за кризи.

„Сценаријата да бидат што пореални“

По пожарот во Кочани, на социјалните мрежи граѓаните споделуваа видеа во кои се гледа како некои од странските држави ги подготвуваат децата за реакција во кризна ситуација уште од најрана возраст.

„Таму државата одлучила преку систематски приод да ги едуцира како да постапат за да се избегне паника, бидејќи во добар дел од случаите паниката е таа која убива. Ако децата се подготвени уште од мали ќе бидат и посигурни, ќе знаат како да постапат“, смета Зоран Кочоски, чија компанија нуди обуки за противпожарна заштита во сопствен тренинг центар.

Обуките за фирми неговата компанија ги наплаќа, но оние за доброволни пожарникари, ученици и студенти не. Сепак, иако бесплатни, интересот за нив е мал, вели Кочоски кој има формирано и доброволно противпожарно друштво во 2014 година.

Обуките за ученици задолжително и безусловно треба да станат редовна пракса во македонскиот образовен систем, смета тој.

Вежбите во градинките и училиштата се прават на истиот принцип и во ЕУ и кај нас, но во европските примери, условите се подобри, вели инженерката за заштита од пожари, Вера Велинова која ја потенцира важноста на темелната подготовка на наставниците.

„На децата им се пуштаат видео материјали што да понесат со себе, како да се движат во колоната, каде е собирното место и што треба таму да прават. Се бара да бидат дисцплинирани, внимателни и фокусирани на активностите и пргави и брзи во постапките. Потемелни подготовки потребни се и за наставниците“, смета Велинова.

Оваа експертка за противпожарна заштита во повеќе училишта и градинки подготвувала сценарија и упатства за евакуација и справување со опасности.

„Треба да се напушти едноставноста и 'клише' сценаријата. Ќе заsвони школското ѕвонче, ќе тргнеме во евакуација, ќе се собереме во училишниот двор и вежбата заврши. Сценаријата треба да се доближат до максимум на реалноста и да се прават градации, секоја следна вежба да се базира на посложени опасности и ситуации. Дури, согласно проценката на загрозеност, зошто да не биде испробана и евакуација низ прозорец“, додава Велинова.

Министерката за образование Весна Јаневска рече дека по средбите со Црвен Крст, Меѓаши и други институции, се договориле да се зајакне делот на образование на учениците за тоа како да постапуваат во кризни ситуации.

„Почнуваме да работиме и на тоа иако веќе Црвен Крст работеше и во изминатиот период, за образование на младите за давање на прва помош, но не во кризни ситуации, како што е пожар, земјотрес... Сега, ќе го прошириме тоа и ќе го направиме да биде баш така како што треба. Имаме понуда од германската амбасада, да помогне во тоа, ќе ја прифатиме секако“, изјави Јаневска на 27 март.

Таа додаде дека првично се планира да се обучат наставниците, а потоа тие да го пренесат знаењето на учениците, како и дека процесот ќе продолжи сѐ додека не биде завршен на територијата на целата држава.

Колку често треба да се вежба?

Вежбите е важно да се прават во сите институции и компании на сите нивоа и со различни сценарија, вели експертката за противпожарна заштита Велинова.

„Во училиштата особено, пред сѐ заради голема концентрација и масовна присутност по метар квадратен, а во градинките уште повеќе. Ако законодавецот за институциите предвидел вежба на една или две години во зависност од дејноста, во училиштата би требало на почеток на секое полугодие, а во градинките во форма на игра да се применуваат сценарија секој втор, трет месец“, истакна Велинова.

Таа потсетува дека карактеристика на човековиот ум е во критични ситуации, под стрес и под силен адреналински притисок, инстиктивно да го одбере патот кој го поминал за време на вежбите. Па целта е во опасни и животно загрозувачки ситуации да се реагира брзо, а најбрзо е кога одговорот е инстиктивен, но правилен.


  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG