Министерството за култура и туризам денеска распиша конкурс за поддршка на проекти од национален интерес, од областа на креативните индустрии. Конкурсот ќе биде отворен до 28 април, а ресорот за одобрените проекти ќе издвои вкупно 10 милиони денари (162, 6 илјади евра). Средствата ќе се распределуваат за фестивали на креативни индустрии што ќе траат најмалку 15 дена, кои до сега одржале најмалку 5 или 10 изданија во континуитет. Исто така, ќе бидат финансирани саемски манифестации од овој вид, изработка на колекции со креативни производи и нивна презентација, како и организирање конференции од областа на креативните индустрии. Според министерот Љутков, овој сектор е најбрзорастечки во глобалната економија и го стимулира развојот на културата, економијата и туризмот.
- Креативните индустрии кои како еден од најдинамичните и најбрзорастечките сектори во глобалната економија, имаат голем потенцијал врз економијата , да влијаат на економскиот раст, на социјалната инклузивност и на развојот на културната разноликост. Затоа, со конкурсот кој денеска го објавуваме ќе обезбедиме финансиска поддршка за проекти кои што ќе го стимулираат развојот на креативните индустрии, создавајќи нови можности за претприемачите, младите уметници и креативните тимови, кажа Зоран Љутков, министер за култура и туризам.