Суд во Обединетото Кралство осуди судијка на Обединетите нации (ОН) за принудување млада жена да работи како робинка, јави ДПА.
Обвинителството тврди дека 49-годишната Лидија Мугамбе „го злоупотребила својот статус“ и ја лишила жртвата од можност да има самостојна работа, принудувајќи ја бесплатно да работи како домашна помошничка и дадилка.
Мугамбе, која е и судијка во Високиот суд во Уганда, е прогласена за виновна по неколку точки на обвинението, меѓу кои: заговор за прекршување на британскиот закон за имиграција, нелегално овозможување патување со цел експлоатација, принудување на работа и заговор за заплашување сведок.
Според обвинителството, таа ја довела жртвата во Обединетото Кралство преку шема во која бил вмешан и заменик-високиот комесар на Уганда, Џон Леонард Мугерва.
Обвинителите тврдат дека Мугерва посредувал за виза за жртвата во замена за тоа Мугамбе да се обиде да влијае врз судија што водел правен процес во кој Мугерва бил инволвиран.
Мугамбе негираше дека ја принудувала жената на работа, тврдејќи дека секогаш се однесувала кон неа со „љубов, грижа и трпение“.
Жртвата, која од правни причини останува неименувана, сведочеше дека се чувствувала „осамено“ и „заробено“ поради ограничувањето на нејзините работни часови.
Според официјалниот профил на ОН, Мугамбе беше назначена за судијка на оваа организација во мај 2023 година – три месеци откако полицијата изврши рација во нејзиниот дом во Оксфордшир.