Во Охрид летово ќе нема кој кафе да ве послужи, а цените изгор

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

Летната туристичка сезона во Охрид се уште не е започната, но угостителите веќе интензивно бараат работници. Недостатокот на работна сила станува сè поголем проблем за угостителскиот сектор во државата, а масовното заминување на искусните работници на сезонска работа во регионот и Европа дополнително ќе ја продлабочи кризата. Олеснета процедура за вработување на странци и сезонци нема да го реши, но ќе го ублажи проблемот со недостиг на угостителски работници. Туристичките експерти сметаат дека во последните неколку години, недостигот на угостителски работници стана хроничен проблем во туристичките центри, особено во Охрид и Струга. Поради тоа, велат дека во Охрид квалитетот на услугите се намалува, а цените растат.

-Проблемот со недостиг на работната сила во угостителско – туристичкиот сектор не е нов туку последните десетина години се актуелизира сезонално односно на почеток од секоја туристичка сезона. Сметам дека ни недостасува системски пристап во третирањето на човечките ресурси кои се развоен моторот за секој сектор во економијата, па и во туризмот. Недостатокот на јасна развојна стратегија, континуирано вложување во нови вештини на вработените, зголемување на ефикасноста на работните места, следење на практиките од европските земји и пред се ниските плати низ изминатите години го десеткуваа македонскиот угостителско – туристички сектор што се рефлектира во неговиот развој. Секоја година ни заминуваат квалитетните работници кои ги исполнуваат критериумите за работа во регионот и Европа. Не можеме да очекуваме повеќе доколку не ја успориме миграцијата и не почнеме долгорочно да планираме, изјави за „Локално“, Љупчо Јаневски, туристички експерт.

Според него, олеснетите процедури за вработување на работници од странство ќе чинат повеќе, а проблемите ќе се продлабочат. Поради тоа, потребно е со повисоки плати и подобри услови за работа да се задржат домашните работници.

Доколку сакаме туристички сектор да остане во добра кондиција потребно е поголема соработка на приватниот сектор со училиштата и вложување со градење на професионалци кои низ вистинско дуално образование ќе стекнат квалификации кои се потребни на пазарот. Потребни се државни политики кои ќе овозможат инвестиции во хотелски брендови, даночни стимулации за реинвестрање… Сметам дека туристичките комори треба уште повеќе вистински да започнат соработка со Владата и да го оживеат секторот кој сега ни е во длабока криза, вели Јаневски.

Тој не е оптимист дека ангажирањето на студенти, особено на пензионери ќе го реши пролемот, бидејќи туристичкиот сектор е динамичен и потребни се вработени кои ќе одговорат на потребните индивидуални барања на туристите.

Некои од угостителите проблемот го решаваат со вработување на странци, претежно од Турција, Непал, Филипините и од Индија. Според официјалните податоци, во текот на минатата туристичка сезона во Охрид работеле над 200 странски работници.

Б.С. 

Слични содржини