„Тоалетна базука“ од Брисел: ЕУ му возвраќа на Трамп со царини на тоалетна хартија и сенки за очи

Европската унија најави воведување на реципрочни царини на американска тоалетна хартија, соја, сенки за очи и стотици други производи, доколку трговските преговори со САД не завршат успешно.

Во понеделникот ЕУ објави подолг список со американски производи кои би можеле да бидат предмет на дополнителна увозна давачка од 25%, во случај да не се постигне договор со Вашингтон, јавува CNN.

Стратегијата „око за око“ е дел од поширок трговски судир, предизвикан од агресивната царинска политика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој воведе давачки кон десетици трговски партнери, со што го загрозува и американското и светското стопанство.

Сенки за очи против челик и алуминиум

ЕУ претходно одложи дел од своите контрамерки за 90 дена, откако и САД направија сличен потег со т.н. реципрочни царини. Сепак, планот е новите царини на ЕУ да стапат на сила во вторник како одговор на американските давачки од 25% за увоз на челик и алуминиум.

„Европската унија ги замрзна своите мерки на одмазда против неоснованите американски царини за да даде простор за преговори со САД“, соопшти Европската комисија. „Ако разговорите не бидат задоволителни, мерките ќе бидат активирани.“

Околу 400 американски производи се на листата на ЕУ и може да се соочат со зголемени царини веќе од средината на јули. Дополнително, над 1.300 артикли може да бидат опфатени со нови увозни давачки во ист период или на подоцнежен датум.

Сојата и мотоциклите под удар

Иако листата вклучува голем број производи, таа сепак делумно ги поштедува најголемите американски извозни адути. Според податоците на ЕУ базирани на американски статистики за 2023 година, петте најважни категории извоз во Европа се: нафта и гас, фармацевтски производи, воздушна технологија, медицинска опрема и моторни возила. Сепак, сојата – како најголем американски аграрен извозен производ – и мотоциклите се на списокот и им се заканува 25% царина.

Други американски земјоделски производи, како бадеми и свежо овошје, исто така би можеле да се најдат на удар. Се очекува проширување на листата и со други видови храна и потрошувачка стока.

Автомобилите – следниот фронт

Освен на металите, Трамп досега воведе 25% царини и на возила и делови за автомобили од ЕУ, како и 20% т.н. „реципрочни царини“ на целата останата стока од европскиот блок. Овие последни беа намалени на 10% за период од 90 дена, но регионот сè уште го формулира својот одговор на овие мерки.

Францускиот министер Франсоа Бајру изјави во вторникот дека американските трговски партнери биле принудени да преземат одмазднички мерки, кои и самите се опасни.

„Претседателот на САД започна ураган – чии последици нема така брзо да исчезнат – со тоа што преку ноќ, без најава, го фрли светот во трговска војна и воведе незамисливи царини“, предупреди Бајру.

Зачлени се на нашиот е-билтен