Пролет со нестабилни и врнежливи периоди, можност за излевање на реки и свлечишта

Динамична пролет со нестабилни и врнежливи периоди во првата половина и потопол период со зачестени грмотевични бури во втората половина, предвидуваат професоритеВладо Спиридонов и Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

По најавеното заладување со врнежи од дожд и снег на планините и можен утрински мраз во некои пониски делови од државата, во втората половина од месецов, односно за Велигденските празници, се очекува стабилизација на времето, но на крајот на април повторно ќе биде променливо со можни врнежи и грмежи. 

Во мај температурите ќе бидат еден до два степена над просекот, но поради зголемената водена пара во атмосферата, периодите на стабилно и топло време ќе бидат прекинати од краткотрајни, но интензивни нестабилности. Во јуни се очекува понатамошно загревање и зголемена атмосферска нестабилност, со можност за силни невремиња, град и ненадејни поплави.

 

Зголемено површинско задржување и појава на речни поплави, се очекува особено во рамничарските, котлински делови. Такви се речните долини на Вардар (Долни Полог, Катлановско, Велешко, Гевгелиско-Валандовско), Пчиња (особено низводно од Пелинце), Крива Река (помеѓу Крива Паланка и с. Ранковце), Брегалница (со некои нејзини притоки како Желевица, Злетовска Река низводно од с.Злетово и др.), Струмица, Црна Река низ Пелагонија и сл.