Свет
Руте: НАТО сака Украина да биде напредна суверена држава откако ќе се постигне мир

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата сака Украина да биде „горда суверена држава“ што ќе напредува по постигнувањето праведен и траен мир. Руте во интервју за украински портал изјави дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш повеќе не треба да се обиде да ја нападне Украина.
Генералниот секретар на НАТО изјави дека Алијансата тесно соработува со украинската армија за да ја доближи до стандардите на НАТО и да и обезбеди обука без да ги доведе западните сојузници во директен конфликт со Русија.
Тој потсети дека на самитот во Вашингтон е одлучено дека патот на Украина кон НАТО е неповратен, но нагласи дека не знае кога ќе стане членка на Алијансата.
Руте потсети дека американскиот државен секретар Марко Рубио рекол дека „да не постоеше НАТО, ние ќе го измисливме“. „Мислам дека САД се целосно посветени на НАТО. Нивното главно незадоволство е што европските сојузници и Канада не трошат доволно за одбрана“, пренесува Танјуг.
Но, сега трошиме многу повеќе“, посочи Руте. Кога станува збор за евентуалното испраќање европски мировни трупи во Украина по постигнувањето на мирот, Руте рече дека Алијансата како таква веројатно нема да учествува во мисијата, но дека може да бидат вклучени поединечни земји-членки.
На прашањето дали верува дека војната во Украина ќе заврши оваа година, Руте одговори дека не сака ништо да предвидува, бидејќи не може, но дека сака војната да заврши утре.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп и Зеленски разговараа 15 минути пред погребот, нова средба подоцна

Портпаролот на украинскиот претседател, Сергеј Никифоров, изјави дека Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе одржат уште една средба.
Двајцата лидери веќе имаа краток, 15-минутен разговор во базиликата Свети Петар, непосредно пред почетокот на погребот на папата Франциск.
„Лидерите се согласија да ги продолжат разговорите денеска. Тимовите работат на организирање на продолжението на состанокот,“ изјави Никифоров.
Свет
(ФОТО) Погледнете го новиот севернокорејски воен брод од 5.000 тони

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун присуствуваше на церемонијата на лансирање на „нов повеќенаменски разорувач“, објави државната агенција КЦНА во саботата.
„Воениот брод од 5.000 тони е опремен со најмоќно оружје и е изграден за околу 400 дена… со наши сопствени сили и технологија“, беше цитиран Џо Чун Рјонг, секретар на владејачката Работничка партија.
Ким, во говорот на лансирањето, објавен од KЦНА, рече дека воениот брод ќе биде предаден на морнарицата и ќе влезе во служба на почетокот на следната година.
Лансирањето се одржа во петокот во военото бродоградилиште Намфо и означи нова ера на „голема изградба на флота во стилот на Ким Џонг Ун“, објави КЦНА, цитирајќи го вицеадмиралот Пак Кванг Соп. Бродот е оценет како „класа Чое Хјон“ именуван по антијапонскиот револуционерен борец Чое Хјон, се додава во извештајот.
Порано овој месец, Ројтерс објави дека новата класа воени бродови на Северна Кореја е способна да смести десетици вертикални лансирни ќелии за носење ракети што нејзината војска веќе ги развила, повикувајќи се на анализа на сателитски снимки.
Ким, исто така, рече дека силните превентивни можности за удар се најубедливото „воено одвраќање“ и дека нема ограничување на обемот на ваквите напади.
„Безбедносната средина во нашата земја во моментов е многу сериозна“, беше цитиран лидерот.
Тој им се заблагодари на работниците и техничарите за изградбата на новиот разурнувач, кој беше „верен на линијата на партијата за зајакнување на поморските сили“, пренесе КЦНА.
Ким, исто така, рече дека САД редовно распоредуваат стратешки средства на Корејскиот Полуостров.
Бомбардерите Б-1Б беа користени во заедничка воена вежба на Јужна Кореја и САД претходно овој месец, заедно со борбени авиони, според Министерството за одбрана на Сеул, објави Ројтерс. Бомбардерите Б-1Б редовно учествуваа во заеднички воени вежби во последниве години, што Северна Кореја долго време го осудува како проба за војна, додека Сеул инсистира дека тие се чисто дефанзивни.
DPRK just launched its first of new air defense frigates (labeled multi-purpose destroyer) for the Korean People’s Navy in Nampo. https://t.co/BS1aWvyIXn pic.twitter.com/7QqBN2pIgB
— Collin Koh
(@CollinSLKoh) April 26, 2025
Свет
Борејќи се за Русите загина син на заменик-директорка на ЦИА

Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) ја потврди смртта на 21-годишниот Мајкл Глос, син на заменик-директорката на ЦИА за дигитални иновации, Џулијан Галина Глос, објави „NBC News“.
Според медиумските извештаи, Глос се приклучил на руската армија и бил убиен за време на борбените операции во Украина.
„ЦИА ја смета смртта на Мајкл за приватна семејна работа на семејството Глос, а не за прашање од национална безбедност“, рече портпаролот.
Порталот „Important Stories“ беше првиот што објави за смртта на Глос, повикувајќи се на руски извори и профилите на починатиот на социјалните мрежи. На својата страница на ВКонтакте, Глос објави фотографии од Црвениот плоштад и изрази сочувство кон руската војска, нарекувајќи ја украинската армија „корумпирана“, а западните медиуми „пропаганда“.
ЦИА официјално ја потврди смртта, но не прецизираше на чија страна синот на функционерката учествувал во борбите. Во соопштението за медиумите се наведува дека семејството доживеало голема лична трагедија и побарало да се почитува нивната приватност.
„Патување во Источна Европа“
Во официјалниот некролог, семејството навело дека Мајкл починал „додека патувал во Источна Европа“, без да ја спомене Русија или војната во Украина.
Според достапните информации, Мајкл Глос е син на Џулијан Галина Глос, заменик-директорка на ЦИА за дигитални иновации, и Лари Глос, ветеран од војната во Ирак кој работи на развој на софтвер за американската војска и НАТО.
Медиумите известуваат дека Мајкл бил пацифист, протестирал против забраната за абортус и се залагал за заштита на климата. Пред да дојде во Русија во 2023 година, тој патувал низ Европа и на социјалните мрежи се опишувал како антифашист, еколошки активист и борец за правата на жените. Тој објавуваше теории на заговор за Украина и веруваше дека НАТО е основано од нацистите.