Нема мали земји, има само мали закржлавени умови

Да ги потсетам сите оние кои се чувствуваат мали и безначајни дека малите држави не се песок кој може да се меле меѓу големите тркала на моќните држави. Тие се составени од луѓе, а не од пиони. Граѓаните во малите држави ги имаат истите надежи, аспирации и природни права како оние во светските сили. Овие луѓе ги имаат сите причини да очекуваат и бараат живот во слобода, мир и просперитет, а не да бидат играчка на големите. Доста соли памет министерот на „срамот“ за неговата „државичка“, мојата држава Македонија, зашто не сите како него го доживуваат синдромот на „Алиса во земјата на чудата“, и изменетата перцепција за себе и за светот околу нив.

Кралот на Белгија, Леопод Втори, ќе изјави: „Нема мали земји, има само мали умови“. Премногу малoумни политичари во Македонија направија да се чувствуваме инфериорни во сопствената земја во односите со другите државите во светот. Нивните мали закржлавени умови со години се обидуваат да ни проектираат дека големината на државата е детерминантата која не’ прави да сме безначајни, инфериорни и невидливи во меѓународните односи, поради што треба да „затнеме нос и да голтаме“ што ќе ни принесат на политичкото мени големите. Со години одредени политичари и самонаречени експерти прават се’ да се чувствуваме мали, сакаат да ни ја одземат моќта за да им попуштаме на нивните желби, принудени да дејствуваме и размислуваме како што тие сакаат. Затоа за нив „државичката“ Македонија немаше што да бара во друштво на големите, освен да слуша и извршува она што другите го замислиле за неа и нејзините граѓани. Кога за поранешен Министер за надворешни работи Македонија е „државичка“, зашто сме изненадени што се согласи и потпиша промена на името на државата и идентитетски се обиде да ја облезличи преку договорот за добрососедство со Бугарија. Овој лик во Македонија како зараза го прошири синдромот на ограничен ум, обидувајќи се да ја наметне илузијата на лична супериорност, без интелектуална длабочина.

Ваквите малоумни политичари се заглавени во ментален жив песок. Не сакаат, или не можат да видат дека нивниот начин на размислување всушност создава инфериорност, како и просечност и на крајот води кон безначајност. Затоа нашето постоење како држава го ставија на туѓа милост. Не’ убедуваа дека треба да се прилагодуваме затоа што само така би можеле да бидеме сакани и прифатени од другите држави во Европа и светот. Предолго молчевме, се усогласуваме, или уште подобро, исчезнувавме. Ваквото наметнато чувство на инфериорност резултираше со тоа што многумина во државата не го живееја својот целосен потенцијал, не затоа што не беа способни, туку затоа што мислеа дека не сме доволно добри или заслужни. Всушност, самиот факт дека тие се обидуваа да направат да се чувствуваме мали како народ и држава кажува многу нешто за нивниот карактер, а не за нашиот. Повеќето луѓе кои имаат потреба да направат другите да се чувствуваат мали, всушност имаат проблеми со самодовербата. Тие прават другите да се чувствуваат мали за да можат да се чувствуваат големи. Тие прават другите да се чувствуваат немоќни за да можат да се чувствуваат моќни. А, во основа, ментални робови на големите.

Само да потсетам дека концептот на мала држава е социјална конструкција која имплицира дека нема некое големо значење, освен ако не го разбереме општествениот контекст во кој се појавил. Всушност, она што значи да се биде мала држава е историски контингентно и обликувано од моќта. Западноевропските практики го конструираа концептот на мали држави, што покажува дека концептот на мали држави стана толку вкоренет што се зема здраво за готово како природен. А, не е. Академската литература потврди дека не постои консензус за тоа што претставува мала држава денес. Оваа неусогласеност доведе некои научници да се сомневаат во корисноста на концептот како аналитичка алатка. Но, затоа малоумните политичари во Македонија немаат дилема околу ова прашање. Тие всушност немаа дилема околу ништо раководејќи со нивната „државичка“. Нивната мизерија стана наша. Од која се обидува новата власт да излезе.

Да ги потсетам сите оние кои се чувствуваат мали и безначајни дека малите држави не се песок кој може да се меле меѓу големите тркала на моќните држави. Тие се составени од луѓе, а не од пиони. Граѓаните во малите држави ги имаат истите надежи, аспирации и природни права како оние во светските сили. Овие луѓе ги имаат сите причини да очекуваат и бараат живот во слобода, мир и просперитет, а не да бидат играчка на големите. Доста соли памет министерот на „срамот“ за неговата „државичка“, мојата држава Македонија, зашто не сите како него го доживуваат синдромот на „Алиса во земјата на чудата“, и изменетата перцепција за себе и за светот околу нив. Кога сте мал во умот се’ одеднаш изгледа дека е многу поголемо од вообичаеното, или се чувствувате како вашата важност да расте во „државичката“, или се намалува кога сте надвор, додека вашата околина останува иста. Очигледно без физичко угнетување, модерното ментално ропство на овие јадни ликови во македонската политика е изградено врз нивното лично ментално ропство. Менталното ропство кое се обидоа да го наметнат на еден цел народ очигледно не успеа, зашто, за нивна голема жал, македонскиот народ низ историјата никогаш не прифатил да биде поробен. За нив срамота беше да живееш во државата Македонија, а нивните животи беа и останаа заробени во нивната лична ментална „државичка“. Затоа, да ги оставиме да живеат во државата Македонија како најголем срам на една нација, зашто нивните мали умови се како слаби ветрови кои никогаш не може да создадат големи бранови.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес