1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Бојкот на стоки од САД! Царините на Трамп предизвикаа отпор

Артур Саливан
13 март 2025

Бескомпромисниот пристап на владата на Трамп во однос на царините предизвика глобален бран на отпор - потрошувачите и компаниите сѐ почесто ги бојкотираат американските производи.

https://p.dw.com/p/4rjGL
Доналд Трамп
Царините на Доналд Трамп предизвикаа отпор Фотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

Скандинавските земји и Канада го предводат растечкиот меѓународен тренд во кој некои потрошувачи избегнуваат американски производи поради одлуката на американскиот претседател  Доналд Трамп  да воведе царини на низа производи од целиот свет. Во изминатите недели беа формирани повеќе групи на Фејсбук кои имаат за цел да организираат бојкоти и кампањи. Шведска група наречена „Бојкотирам стоки од САД“ имаше речиси 80 илјади членови во моментот кога се пишуваше текстов. Целта на групата гласи„да ги заштити демократијата, самоопределувањето и безбедноста“ во надеж дека тоа ќе изврши притисок врз владата на Трамп. Употребата на американската платформа Фејсбук ја оправдуваат со тврдењето дека таа е „најдоброто оружје“. Неколку слични канадски групи се формираа на Фејсбук, додека една француска група наречена „БОЈКОТИРАЈ ГИ САД: купувај француско и европско!“ има над 20 илјади членови.

Тесла на удар поради гневот спрема Маск

Досега нема многу податоци за да се каже дали таквите кампањи имаат влијание. Сепак, еден од американските производи со особено опиплива врска со владата на Трамп е Тесла. Овој бренд за електрични автомобили му припаѓа на Илон Маск, висок советник на Трамп кој моментално е задолжен да раководи со новоформираниот Оддел за владина ефикасност.

Доналд Трамп Илон Маск
Доналд Трамп си купи автомобил Тесла во знак на поддршка на Илон МаскФотографија: Getty Images

Продажбата на Тесла во Европа во јануари беше намалена, според податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили, и тоа за цели 45% во однос на истиот период лани.

Купувајте канадски производи

Се чини дека расположението контра американски производи е особено изразено  во Канада откако Трамп воведе царини од 25 проценти за земјата и покрај тоа што се долгогодишни сојузници и споделуваат граница долга речиси 9 илјади километри. Трамп постојано зборува и за тоа да ја направи Канада 51-та сојузна држава во САД и го нарече премиерот на земјата „гувернер Трудо“ во очигледно јавно и намерно покажување непочитување. Сето тоа доведе до сериозна реакција од Канаѓаните. Анти-Трамповското расположение доведе до тоа Либералната партија, која претходно ја раководеше Трудо, а сега  идниот премиер Марк Карни, да бележи драматичен скок во анкетите. На почетокот на 2025 година, таа заостануваше зад Конзервативната партија за 25 отсто, но неверојатниот пресврт сега ја искачи на врвот на многу од анкетите. Таквото расположение сѐ повеќе се одразува и кај потрошувачите. Дилан Лобо води веб-страница наречена „Произведено во Канада“, која има за цел да обезбеди онлајн листа на стоки произведени во Канада. Тој за списанието „Бизнис инсајдер" вели дека неговата веб-страница неодамна забележала голем пораст на бројот на корисници и активности. „Во моментов  има многу патриотизам во земјата“,   вели тој за списанието и додава дека „многу се чувствува оти Канаѓаните сакаат да поддржуваат други Канаѓани“. Се појавија дури и неколку апликации како што се Бај Бивер и Мепл скен кои им помагаат на купувачите да ги идентификуваат американските производи. Многу канадски фирми исто така ги презедоа кампањите „Купувај канадски“. Во Онтарио, Државниот одбор за контрола на алкохол соопшти дека ќе престане да складира стока произведена во САД како бурбон и вина. Државата Њу Бранзвик вели дека ќе преземе слични мерки. Гувернерот на Онтарио, Даг Форд, стави крај на договорот вреден 100 милиони канадски долари со Старлинк, телекомуникациската компанија во сопственост на Илон Маск. „Онтарио нема да прави бизнис со луѓе кои сакаат да ја уништат нашата економија“, вели тој на платформата X.

Реакција од Европа

Некои европски компании  исто така преземаат мерки против американските фирми. Од најголемата данска фирма за малопродажба, Сејлинг груп, велат дека ќе ги означат европските производи во своите продавници со црна ѕвезда за да им помогнат на клиентите полесно да ги препознаваат. Компанијата и натаму ќе продава американски производи, но нејзиниот извршен директор Андерс Хаг на ЛинкедИн пиша дека новата ознака е „дополнителна услуга за клиентите кои сакаат да купуваат производи на европски брендови“. Некои компании пак преземаат уште поригорозни мерки. Норвешката компанија Халтбак, која обезбедува нафта и гориво за бродовите, неодамна соопшти дека ќе престане да доставува гориво за бродовите на американската морнарица.

Норвешка Халтбак
Норвешка: Халтбак вели дека повеќе нема да помага за полнење гориво на бродовите на американската морнарицаФотографија: Nicolas Maeterlinck/BELGA/picture alliance

Надвор  од Европа  и Канада, многу луѓе од деловниот свет се свесни за потенцијалната контрареакција за американски производи и како тоа може да се одрази на нивните бизниси. Такеши Нинами, извршен директор на јапонскиот гигант за пијалоци Сантори Холдингс, во кој спаѓаат брендови како Џим Бим, предупреди само неколку недели откако Трамп се врати во Белата куќа дека американските брендови ќе се најдат на метата на меѓународните потрошувачи. „Го поставивме стратешкиот и буџетски план за 2025 година во очекување дека американските производи, вклучително и американското виски, ќе бидат помалку прифатени од земјите надвор  од САД  поради царините  и емоциите“, вели тој за „Фајненшл тајмс". Тоа сугерира дека бојкотите и однесувањето на потрошувачите би можеле да влијаат на продажбата на американските компании во Канада, Европа и на други места, при што податоците во текот на претстојните месеци веројатно ќе бидат предмет на внимателна анализа од двете страни на Атлантикот. Портпаролот на Европската организација на потрошувачи, која ги застапува интересите на потрошувачите ширум Европа, вели дека сè уште нема заземено став во однос на прашањето за бојкотот и дека е фокусирана на „откривање како царините ќе влијаат на потрошувачите“. Во изјава за ДВ, од таму велат дека соработуваат со американските групи на потрошувачи за наоѓање начин „како да продолжи да функционира трансатлантската соработка во интерес на потрошувачите“.