Данска ја збриша Португалија и ќе игра за ракометна историја!

Ракометната репрезентација на Данска е патник во финалето на Светското првенство (СП), со победа над Португалија (40-27) која беше хит на овој планетарен собир.

Скандинавците му дадоа надеж само краток период во првото полувреме на ривалот, а потоа влегоа во серија и го „сомлеа“ на убедлив начин. Португалија беше близу до 15-14, а потоа ѝ се случи дебакл.

До полувремето Данците заминаа на плус од четири гола (20-16), а во вториот дел даваа гол повеќе од ривалот, поведоа двоцифрено (30-20) и така си го трасираа патот до убедливата победа, нова за нив на овој перфектен светски собир.

Најдобриот стрелец на шампионатот Гидсел постигна девет гола, а Шмид имаше осум реализации, додека кај Португалија која ќе игра за бронзата со Франција, Ареја имаше пет, а Итуриза погоди четири пати.

Данците во финалето против Хрватска ќе се обидат да го надминат сопствениот рекорд, затоа што играат за четвртата круна во низа.