Дека американскиот претседател Доналд Трамп немал милост кон никого при поставувањето царини, покажува и примерот со царините што ги воведе за стоките и робата од островите Херд и Мекдоналд.
Според листата објавена од Белата куќа на „X“, администрацијата на Трамп воведува царини од 10 отсто за роба и стоки од островите Херд и Мекдоналд. Станува збор за австралиска територија која е поблиску до Антарктикот од кое било друго место и е целосно ненаселена, пишува Би-Би-Си. Најпознатите жители на Хердските острови се пингвините.
Во околината има риболов, но нема градби или жители. И покрај тоа, според податоците за извозот на Светска банка, САД увезле производи во вредност од 1,4 милиони долари од островите Херд и Мекдоналд во 2022 година, од кои речиси сите биле увоз на „машина и електрична опрема“. Не е јасно за какви всушност производи се работи. Во претходните пет години, увозот на островите Херд и Мекдоналд се движел од 15.000 до 325.000 долари годишно.
Трамп, исто така, воведе царини за некои населени австралиски територии. Островот Норфолк, кој има 2.188 жители и е 1.600 километри североисточно од Сиднеј, беше погоден со царина од 29 отсто – 19 процентни поени повисока од остатокот на Австралија. Во 2023 година, островот Норфолк извезе стока во САД во вредност од 655.000 долари а главниот производ беше кожени обувки во вредност од 413.000 долари.
Австралискиот премиер Ентони Албанес во четвртокот рече: „Островот Норфолк има царина од 29 отсто. Не сум сосема сигурен дека островот е трговски конкурент на гигантската економија на САД, но тоа само покажува дека ниту едно место во светот не е безбедно“.
Американскиот претседател најави и царини од 10 отсто за Свалбард и Јан Мајен, две оддалечени норвешки територии недалеку од Северниот пол, кои заедно имаат околу 2.500 жители. Не е јасно каква роба извезува некоја од овие територии.