Споредбена гео-политика: Гренланд и Западен Балкан

Македонија е единствена држава во регионот која не поседува официјална карта на рудните депозити, објавена на интернет. Ако и воопшто постои. Тоа е недозволиво! Од два аспекта. Прво, прашањето на рудните богатства, посебно на ретките минерали, ако ги има, е прашање од националната безбедност. Граѓаните имаат право да ги знаат своите природни богатства, а со тоа и полесно да ги детектираат заканите по националната безбедност. Второ, објавувањето на таква карта ќе значи и транспарентен повик до странските инвеститори.

Сагата за иднината на Гренланд не престанува. Неговата иднина станува едно од најважните гео-политички прашања во светот. Минатонеделната посета на американскиот потпретседател на воената база на Гренланд, поворно ја разбранува јавноста. Како на островот,  така и во Данска, но и во Европа. Неговите изјави дека Гренланд треба да биде дел од САД, но и дека Данска не се грижи доволно за неговата безбедност, предивикаа контра-реакции. Новоизбраниот гренландски премиер јасно стави до знаење дека Гренланд никогаш нема да биде составен дел на САД. Данските официјални кругови, исто така остро ги осудија изјавите на поптретседателот Венс, но и на американскиот претседател Трамп. Тој, да не остане покус од својот потпретседател, веднаш изјави: „…ние ќе одиме толку далеку колку што треба… нам Гренланд ни е потребен…“.

Правило во предвидувањата на меѓународната сцена е „никогаш не вели никогаш“. Сепак, за да стане Гренланд дел од САД потребни се две работи. Првата е населението на овој остров на референдум да се изјасни за независност, што во овој момент е доста тешко. Гренланд  функционира како полу-автономна територија, само благодарејќи на донациите од данската влада. Неговата скромна економија не обезбедува доволно приходи за да се подмират сите потреби на домородното население. Од тие причини новата влада излезе со став дека референдум за осамостојувањето ќе се одржи оној момент кога ќе се исполнат сите услови. Кажано со други зборови оној момент кога гренландската економија ќе може да обезбеди доволно средства за заштита и унапредување на благосостојбата на населението. Вториот услов е нов референдум за приклучување кон САД. Но никој не треба да биде наивен. Гренланд сега, преку Данска, е прекуокеанска територија на Европската Унија. Таа сигурно така лесно нема да се откаже од неа. Гео-политичкото значење на овој остров е исто толку важно за Унијата, како и за САД. Оттука за очекување е Гренлад да биде уште еден голем предизвик во односите помеѓу САД и Унијата. Се чини САД се на добар пат нив да ги претворат од сојузнички во конкурентски. Изјавата на генералниот секретар на НАТО, доста добро ги отсликува односите помеѓу сојузниците. Според него: „…Гренланд е дел од Данска, во смисла дека припаѓа на Кралството Данска. Ќе кажам дека е независна територија, но сепак дел од кралството… тоа не ја засега само Данска, туку и Исланд, Норвешка, Финска, Шведска, Канада и САД…“.

Всушност, гео-политичкото значење на Гренланд, кој е на далечина од некои 3000 километри од Данска и единствено граничи со Канада, е резултат на топењето на мразот на Артикот. Проценка е дека доколку ова топење продолжи со истово темпо, за десетина години, најмалку шест месеци ќе може да се плови од Европа до Азија и САД и обратно. Во моментов се детектирани три правци: северозападниот и североисточниот премин како и централноартичкиот. Северозападниот и централноартичкиот се блиску до бреговите на САД и Канада, но во овој момент не се пловни. Североисточниот поминува покрај брегот на Русија и во одредени месеци од годината и сега е пловен. Дополнително Русија има најголема флота на мразокршачи што им отвараат пат на трговските бродови. Во 2024 година, преку оваа рута се пренесени 38 милион тони на разни добра. Сите три рути, доколку станат целосно пловни, драстично ќе го намалат времетраењето на глобалниот бродски транспорт. Должината од северна Европа до Шангај, на пример, ќе биде пократка за 5.500 км. Дополнително ќе се избегнат давачките за транспорт низ Панамскиот и Суецкиот канал.

САД, како и членките на Унијата, сосема природно тежнеат да воспостават контрола врз рутиве. Русија и Кина не се подалеку од тоа. Тие всушност се и поблиску. Русија има целосна контрола врз северо-источната рута, а Кина вложува во нејзин развој. Од тие причини рускиот претседател Путин, беше галантен и во минатонеделниот говор во Мурмонск изјави: „…Накратко, плановите на Америка во однос на Гренланд се сериозни… тие планови имаат длабоки историски корени. И сосема е јасно дека САД ќе продолжат систематски да ги спроведуваат своите гео-стратешки, воено-политички и економски интереси на Артикот… Во однос на Гренланд тоа е прашање на две специфични држави. Тоа нема ништо со нас…“. Со неколку изречени зборови, без драматика, тој на претседателот Трамп му даде одврзани раце во однос на Гренланд. Нешто индикативно, но разбирливо. Двете сили во Саудиска  Арабија не разговараат само за мирот во Украина. Тие разговараат и за останатите светски глобални прашања, но од позиции на сила. Тоа не значи ништо друго туку поделба на сфери на влијанија. Уште повеќе, разговараат без присуство на Европската Унија, за територија која е нејзин составен дел. Загрижувачки, но не само за членките на Унијата!

Вториот аргумент на претседателот Трамп, во однос на присвојувањето на Гренланд се неговите резерви на ретки метали. Се проценува дека островов располага со сериозни резерви, но колкави се тие никој со сигурност не може да каже. Во моментов таму се присутни две до три компании кои вршат геолошки истражувања. Ригорозните прописи на локалните власти не дозволуваат лесно добивање на дозволи за истражување, а уште помалку за експлоатација. Во однос на експлоатацијата требе да се додаде дека голем предизвик се и суровите услови за работа. Нешто што и самиот претседател Трамп го призна. Сепак, да нема забуни! Ретките метали се нарекуваат ретки бидејќи ги нема во доволни количини. Само како пример. Светските, откриени, резерви на литиум изнесуваат сто милиони тони. До 2040 година, доколку експлоатацијата продолжи со ова темпо, ќе се потрошат околу 40 милиони. Податок кој јасно покажува дека големите индустриски нации немаат голем избор. Принудени се да се борат за контрола врз секое наоѓалиште на ретки метали.

Губењето на пристап до ретки метали за нив значи губење на трката за примат во мултиполарниот свет. Ова посебно се однесува на Европа. Токму затоа италијанскиот министер за надворешни работи на конференција, изминатава недела, ќе предупреди: „…Италија сама не може да замисли да се натпреварува во големиот предизвик на глобалната конкуренција… Ние ќе станеме нечија колонија…“. Спасот, според него, е  федерална Европа. Ова се разбира не се однесува на САД. Тие немаат големи резерви на ретки метали, но ја имаат Украина, но и Русија. За волја на вистината Украина уште „прета“, но Русија е великодушна. Таа, за да ги оствари своите гео-политички цели  понуди заедно со САД да работат на експлоатација на ретките метали и во Арктичкиот регион. Според зборовите на главниот директор на рускиот инвестициски фонд, преговорите се во тек. Всушност, тој пред два дена замина во официјална посета на САД. Прв руски висок преставник од започнување на руската инвазија врз Украина. Истиот кој  беше во составот на руската официјална делегација на високо ниво во Ријад.

Гео-политичката позиција на Западен Балкан, по значење, не може да се спореди со таа на Гренланд. Неговите транспортни коридори немаат глобално значење. Уште поважно. Отварањето на артичките рути дополнително ќе го намали. Нешто што не може да се каже и за рудните богатства. Проценките на американската геолошка агенција укажуваат дека Балканот, во целина, поседува значајни резерви на ретки метали. Точните резерви не можат да се утврдат бидејќи сеуште не постојат детални податоци. Проценка е дека тие се наоѓаат во депозитите на фероникел, кој ги има во регионот. Од друга страна, не треба да се игнорираат и резервите на други метали: бакар, злато, сребро железо и сл. Сето тоа го прави овој регион интересен за гладните индустрии на регионалните и глобалните играчи. Минералните депозити станаа прашање на националната безбедност на државите. Големите светски компании, како што е канадската Terra Balcanica, работат во регионот на детално мапирање на резервите на критички минерали. Во близината на Сребреница, во Република Српска, тие открија резерви на ретки метали.

Република Македонија е единствена држава во регионот која не поседува официјална карта на рудните депозити, објавена на интернет. Ако и воопшто постои. Тоа е недозволиво! Од два аспекта. Прво, прашањето на рудните богатства, посебно на ретките минерали, доколку ги има, е прашање од националната безбедност. Граѓаните имаат право да ги знаат своите природни богатства, а со тоа и полесно да ги детектираат заканите по националната безбедност. Второ, објавувањето на таква карта ќе значи и транспарентен повик до странските инвеститори. Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, и сега се периферија на светскиот систем. Моментните состојби во Европа, не даваат надеж дека состојбата може да се промени. Работите одат на полошо! Оттука Македонија е должна да направи баланс помеѓу зелената агенда и развојот. Владата не смее да биде заробеник на зелените. Заради идните генерации должна е во следниве десетина години да обезбеди раст на БДП поголем од 5%. Тоа без сериозни инвестиции и во рударството, и во металургијата е скоро невозможно. Целосно искрено, и глупаво е! Како од развоен аспект, така и од безбедносен.

Автор: Јован Донев за НетПрес