Македонија
„Ниту 50 отсто намалени цени за патарините ниту патни трошоци за работниците“, власта не ги изгласа предлозите на партијата Левица

„Македонија ќе продолжи да ги има најскапите патарини во Европа за едни од најлошите и не безбедните патишта бидејќи пратениците од власта на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ одбија да гласаат по предлогот на Левица за намалување на истите за 50%“, велат од партијата Левица.
Предлогот го образложи пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, којшто посочи дека е „некоректно пратениците на коишто им се исплаќаат патни трошоци (каде се вклучени и патарините), да немаат разбирање особено за работниците коишто патуваат секој ден до работното место трошејќи две до три плати просечно за патарини“.
Пратениците коишто земаат патни трошоци не се согласија и на работниците да им следува таков надоместок.
Предлогот на Левица го образложи координаторот на пратеничката група, Борислав Крмов, којшто објасни дека надоместок за патни трошоци им следувало на работниците во Македонија, но истиот бил укинат во 2008 година:
„Забелешките кои ги даде поранешниот министер за финансии, Трајко Славевски, којшто тврди дека сѐ уште постојат патни трошоци за работниците, но тие сега се наоѓаат во бруто платата – не се соодветни бидејќи тоа не се однесува на приватниот сектор и ваквото право вообичаено се поништува со колективните договори, договорите за вработување. Така што, патни трошоци во бруто плата нема“ – објасни пратеникот Крмов.
„Не можеме овој трошок на работниците да го третираме како наивен. Позитивен пример во регионот е Србија – таму газдите се должни да им исплатат надоместоци или да им организираат превоз на работниците. И затоа, таму целосно го остваруваат ова право, без манипулации“ – посочи тој.
Пратениците од Левица ја предложија истата формулација за пресметка на патни трошоци за работниците која што ја предложија и при обидот за да се вразумат патните трошоци на пратениците, но која беше одбиена.
„Како најодговорна ќе ја посочам пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ затоа што влада на ВМРО-ДПМНЕ го има укинато ова право на работникот и бидејќи зависи од ВМРО-ДПМНЕ дали ова решение сега ќе се донесе. Дополнително, од 2010 до 2024 пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја чинат државата рекордни 3.705.914 евра за патни трошоци. Затоа ве повикувам да покажете сенс и доблест и да не се однесувате како некоја привилегирана каста која нема допир со реалноста и реалноста која ја живее обичниот работник. Работниците се процентуално најголем дел од населението и од вашите гласачи, и за нив треба да работиме, а не за газдите“ – потенцираше пратеникот од Левица, но и овој предлог парламентарното мнозинство не го изгласа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.