Бизнис
Дамјановски: Многу е тешко во нашава област од помал да освоиш поголем пазар
Метална и електроиндустрија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Драган Дамјановски, Термалифт Скопје, член на УО на Здружението на метална и електроиндустрија
Како раководител на компанија чија основна дејност е проектирање и делумно производство на опрема за внатрешна логистика во секоја индустрија можам да кажам дека нашата метална индустрија и електроиндустријата се во благ подем, особено кај големите извозни претпријатија гледајќи ги од призма на зголемената побарувачката на новите технологии од областа што ние ја работиме. Бидејќи повеќето од поголемите странски инвестиции дојдоа во нашава држава заради големата понуда на евтин кадар и поволните услови на стопанисување, ним по неколку години им се случи, со зголемената побарувачка на кадар во ЕУ, воедно да се зголеми цената и да се намали потенцијалот. Затоа, низ призмата на нашава компанија, странските инвеститори почнаа да вложуваат во нови технологии и опрема со која сакаат да ги покријат овие недостатоци од пазарот на труд.
Ние перспективата за развој во следниов период ја гледаме во подобрување на условите за воведување нови странски инвестиции кои ќе имаат потреба од нашите производи, како и подобрување на нашата понуда со нови технолошки производи кои ќе ги задоволат барањата на странските инвеститори наместо тие да ги увезуваат. Овде важен сегмент е и извозот на компаниите од нашиот сектор во соседните земји и пошироко. Ние припаѓаме на најмалите пазари во Европа и многу е тешко во нашава област од помал да освоиш поголем пазар.
Како компанија која трае 28 години отсекогаш сме биле оптимисти и веруваме дека во областа на металите и на електроиндустријата наведениве услови за развој ќе се подобрат и ќе има светла перспектива.