
Војната во Украина и демонтирањето на западната воена алијанса поттикнаа вооружување на Европа. Европската комисија претстави план од 800 милијарди евра за вооружување, вклучувајќи заеми од 150 милијарди евра за членките на ЕУ.
Индустријата за оружје ќе биде новиот сектор што ќе поттикнува раст во Европа. Одбраната сега е подобар генератор на економска обнова отколку инвестициите во бескорисната „нет зеро“ зелена технологија.
Германија ја води кампањата за реконструирање на економијата на Европа врз императивот на одбраната. Го гледа ова како начин да ја спречи навидум бескрајната економска рецесија и да го спаси својот болен автомобилски сектор. Се бараат 400 милијарди евра за националната одбрана и уште 500 милијарди евра за обнова на инфраструктурата (железничката е во премногу лоша состојба за да се транспортираат тенкови и друга воена опрема).
Прегратката на „воениот кејнизијанизам“ може да се оправда со наводната закана од Русија за европската безбедност и неопходноста за одбрана на интегритетот на Украина. Но, сите милијарди што се ветуваат за трошоци за одбраната ќе имаат мало влијание врз боиштата на Украина, па и на идната безбедност на Украина. Претворањето на болната германска автомобилска индустрија во воена фабричка линија ќе потрае со години, како и трансформирање на постоечките безбедносни ресурси на Европа во воена сила.
Европските нации се отуѓија од патриотските вредности неопходни за воено соочување со Русија. Кога премиерот на Обединетото Кралство Кеир Стармер предложи „коалиција на волја“ на европските армии, ненамерно го покрена прашањето: „Волја за што?“ Во време кога ниту Франција ниту Британија не можат да ги обезбедат сопствените граници за да ја спречат масовната илегална миграција, нивната подготвеност да ги обезбедат границите на друга нација од агресорска армија секако е доведена во прашање, забележува Френк Фуреди е директор на тинк-тенкот МЦЦ од Брисел.
Тој додава дека сепак треба да се сфатат сериозно „тешките разговори што произлегоа од бриселскиот меур“, иако имаат театрална димензија. Тие може да создадат опасна динамика со потенцијал брзо да ескалира и да излезе од контрола. Во свет што се движи кон зголемен протекционизам постои опасност европското вооружување ненамерно да доведе до глобална трка за оружје. Историјата покажува дека тие имаат непредвидливи последици.
Она што е навистина загрижува е тоа што на водечките воени јастреби во Европа им недостасува вистинска јасност за насоката во која патува континентот. Зафатени од болеста на геополитичката неписменост, лидерите на Европа сè уште немаат идеја како треба да се движат низ светот каде што трите доминантни сили – Америка, Кина и Русија – имаат несразмерно силно влијание врз глобалните работи. Тоа не се луѓе на кои можеме да им веруваме да нè водат низ немирните води, вели Фуреди.
Европските нации мора да преземат одговорност за својата национална одбрана и без сомнение тоа ќе предизвика сериозни трошоци. Сепак, решавањето на војната во Украина е сосема друга работа.
Не требаше да почне војна на источното крило за да ја принуди Европа да си ја уреди куќата. Украина не треба да се користи како изговор за новата мода за зајакнување на производството на оружје. Интересите на германската индустрија не треба да се мешаат со одбраната на украинскиот суверенитет, заклучува Фуреди за Spiked.