Линкови за пристапност

Граѓанскиот бојкот или желбата за профит, кој ќе биде посилен по утрешниот ден?


Експертите велат дека алармот е вклучен, бизнис секторот бара од Владата да биде медијатор и да не зазема страна. Бројките велат дека во 2023 година големите ланци маркети имале чист профит од 35 милиони евра а нето профитните маржи се движеле од 1,5 до 11,7 проценти.

СКОПЈЕ – Обичен ден во скопските маркети ако се суди според бројот на потрошувачи на касите. Граѓаните не тргнаа „во поход“ по маркетите во пресрет на најавениот бојкот на големите ланци маркети кој треба да се одржи утре. Повеќето се децидни утре ќе го поддржат бојкотот и нема да пазаруваат во ланците маркети, доколку е неопходно ќе купуваат од пазарите или малите продавници.

Од друга страна пак маркетите, според неофицијални информации кои граѓаните ги добиле од вработени, утре ќе ги затворат вратите и ќе прават попис, нешто што вообичаено го прават во неработниот ден – недела. Еден ланец маркети денес преку социјалните мрежи и пораки ги извести потрошувачите дека поените кои ги имаат на своите картички, а кои се претвораат во денари при плаќање, може да ги искористат уште утре и потоа ќе се избришат.

Бојкотот доби поддршка и од премиерот, министерот за економија и труд и политички партии, покрај Синдикатот и организацијата на потрошувачи а според бизнис секторот ова е популистички потег бидејќи Владата зазела страна наместо да најде решение илид а биде медијатор.

„Не е добро да се стигматизираат и не е добро претставници од владата да држат страна и нивната поддршка е политичка и популистичка и се коси со законот за конкуренција и Владата треба да биде медијатор да бара решение за било кој проблем, а не да зазема страна“, изјави Касим Зендели од стопанската комора на Северозападна Македонија за телевизија „Телма“.

Експерите сметаат дека утрешниот бојкот е порака и за Владата и за трговците и дека оваа мора мора да се сфати како аларм. Професорот Борче Треновски вели дека праксата покажала дека цените многу лесно се качуваат а многу тешко потоа се намалуваат.

„Ова е еден тип на аларм, тоа е еден тип на предизвик односно порака која што сакаат да ја пратат потрошувачите. И тоа сакаат да ја пратат не само до трговците, кон бизнисите. Тие сакаат да ја пратат и кон институциите, кон власта кон мерките кои се носат. Сакаат да ја пратат кон бизнис секторот, кон политиките, кон законите кои се носат“, изјави Треновски.

Податоците на „Бизнис мрежа“ покажуваат дека седумте најголеми ланци на маркети во 2023 година оствариле приход од над 930 милиони евра а чист профит биле 35 милион евра. Заработките се движат од над 1,4 милиони евра до 10,3 милиони евра колку што инкасирал ланец маркети до 2023 година. Бруто профитните маржи, односно разликата меѓу набавната и продажната цена на рафтовите, варира од 12 до 37 отсто додека нето профитната маржа се движи од 1,54 проценти кај маркетот со најмала заработувачка во 2023 година до 11,73 проценти кај ланецот маркети кој во 2023 година имал најголема заработувачка.

Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) излезе со пресметка дека минималната синдикална кошничка, во која се најосновните продукти за една година поскапела за 6.100 денари но и дека немало намалување на цените на основните прехранбени продукти во во последните три месеци и покрај мерките и акциите.

Утре бојкот на маркетите ќе има во целиот регион бидејќи ќе бојкотираат граѓаните во Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

XS
SM
MD
LG