Прашан дали измени во законите ќе го реши проблемот, или пак како земја имаме добри закони, но тие не се применуваат, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител рече дека ако луѓето во правосудството не си ја вршат работат законски измени нема да помогнат, но тие како пратеници и како Собрание треба да реагираат
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ следната недела ќе иницираат јавна дискусија во Собранието на која тема ќе биде ривизија на закони со цел заостроување на казненат политика, по случајот со 22-годишната Фросина Кулакова, која завчера беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Ова во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител го најави пратеникот на владејчката партија, Бојан Стојаноски, која кажа дека јавната дискусија ќе се случи следниот петок и на неа ќе присуствува и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Стојаноски говорејќи за околностите во кои животот го загуби младата девојка и протестите кои се одржаа денеска, рече дека имале разговори во пратеничката група и со министерот Тошковски и дека веќе понеделник ќе почнат со постапка за организирање на јавната дискусија.
„Денеска имавме разговори внатре во пратеничката група и со министерот Тошковски, бидејќи неговиот став е дека треба да се проверат оние членови во законите коишто ги детерминираат казните за овие дела. Бидејќи сега вака како што се поставени, некој судија може да ги толкува на еден или на друг начин. Веќе во понеделник ќе почнеме со постапка за организирање на јавна дискусија за да можеме ова прашање да го отвориме пред Собранието. Таа експресно брзо ќе се случи, веќе наредната недела, за да можеме да видиме како овие членови би се промениле со цел ваквите деликвенти да бидат соодветно казнети за овие дела повеќе да не ни се случуваат“,
рече Стојаноски.
Прашан дали измени во законите ќе го реши проблемот, или пак како земја имаме добри закони, но тие не се применуваат, Стојаноски рече дека ако луѓето во правосудството не си ја вршат работат законски измени нема да помогнат, но тие како пратеници и како Собрание треба да реагираат.
„Мислам дека и тие два проценти доверба во судството се многу високи за ова што тие го покажуваат со сопствената работа. Ние какви и закони да направиме ако тие луѓе не си ја работат работата или наоѓаа дупки во самите закони и го прават ова што го прават тогаш тоа нема да ги даде одговорите на прашањата, но ние сакаме со таа дискусија да интеревенираме во законите за било каква можност за различно толкување на законот и да ги зголемиме казните за да тие коишто сметаат дека имаат некој да ги извади или ако фатат врски во правосудството за да им прогледаат низ прсти, тоа повеќе да не се случува“,
кажа пратеникот.
На јавната дискусија, како што кажа, ќе ги поканат сите.
„Таму ќе биде присутен и министерот за внатрешни работи, сите коишто сакаат да дискутираат слободно нека дојдат. Собранието е еден од органите каде тие што се внатре ги претставуваат граѓаните и ние мораме не само да коментираме, на сите им е јасна состојбата во правосудството, туку и да реагираме на еден ваков начин“,
рече тој.
Коментирајќи ја денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кажа дека системот „Безбеден град“ треба што побрзо да биде инсталиран и да функционира, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „колку повеќе се дигитализираме и го исклучуваме човечкиот фактор, толку помалку вакви настани ќе ни се случуваат“.
За системот „Безбеден град“ рече оти се свесни дека ќе биде непопуларен и ќе им донесе одреден политички ризик, но посочи дека во овој момент тоа не е важно.
„Ако беше тој систем инсталиран, јас сум сигурен дека вакво поведение немаше да се случи“,
рече Стојаноски.

Вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ, 20-годишен скопјанец со автомобил удри во 22-годишната девојка на булеварот „Партизански одреди“ која им подлегна на повредите на самото место. Според наводите на Обвинителството, осомничениот Васил Јованов возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.
На барање на Обвинителството, судија на претходна постапка денеска на осомничениот му одреди 30-дневен притвор.
Инаку, против 20-годишникот лани во јули се водела судска постапка за поседување и продажба на наркотични дроги. Од Основниот кривичен суд Скопје му била изречена мерка упатување во воспитно-поправен дом, а пресудата денеска беше објавена од страна на судот.
Предметот во врска со ова дело е во жалбена постапка во Апелацискиот суд Скопје, кој сè уште не се произнел по него.