Од петок, трговците ќе мора да ги ажурираат своите онлајн цени најдоцна до 10 часот наутро секој работен ден. Новиот правилник, потпишан од министерот за економија, предвидува строги правила за транспарентност во објавувањето на цените на интернет. Целта е да се заштитат потрошувачите, но дел од граѓаните велат дека не се сигурни колку ова навистина ќе донесе промена во нивното секојдневие.
Според новите правила, секој онлајн ценовник мора да биде јавно достапен – без обврска за најава или регистрација.
Доколку некој производ е на попуст, трговецот мора да ја наведе и старата цена, процентот на намалување, како и траењето на акцијата. Грешките во објавените цени ќе може да се поправат во рок од 24 часа, но само ако станува збор за ненамерна грешка.
Мерката ќе важи за маркетите, аптеките, салоните за бела техника, мебел и слични субјекти, додека микротрговците и трговците поединци ќе бидат изземени.
„Конечно некаква контрола“
Еден од граѓаните кои со одобрување ја прифаќаат новата обврска е Билјана Мицевска од Аеродром, која вели:
„Конечно некаква контрола врз цените. Не еднаш ми се има случено на сајт да пишува една цена, а во маркет да ми кажат друга, повисока. Ако сега навистина мора да ги ажурираат цените секој петок, ќе биде полесно за сите нас – особено за оние што купуваат онлајн“.
Но не сите се воодушевени. Александар Стојановски од Тафталиџе вели дека и покрај добрата намера, прашање е колку мерката реално ќе се спроведува.
„Добро звучи на хартија, ама кој ќе ги проверува сите тие цени секое утро? Ако нема контрола и санкции, трговците пак ќе си тераат по свое. Ќе си објават нешто на веб, а на каса друго“.
Техничка и организациска предизвици
Ивана Саздова, сопственичка на мала продавница за козметика, вели дека оваа обврска претставува дополнителен административен товар, особено за фирмите кои немаат ИТ-поддршка.
„Секојдневно ажурирање на ценовник бара систем, дисциплина и време. За поголемите тоа можеби е рутина, ама за нас помалите ова значи и нови трошоци. А ние не сме изземени од ова, бидејќи не сме поединци“.
Токму оваа забелешка ја отвора темата за имплементацијата на правилникот, која, според економски аналитичар со кого разговаравме, ќе биде клучна.
„Ова е чекор кон зголемена пазарна транспарентност, што е добредојдено. Но, без соодветен надзор, без дигитална поддршка за мали бизниси и без прецизни критериуми за казни, постои ризик мерката да остане само на хартија“, вели економистот.
Според него, позитивниот ефект ќе го почувствуваат оние потрошувачи кои редовно споредуваат цени на интернет, особено кај техничка стока и мебел, каде разликите можат да бидат и неколку илјади денари.
Дигитална ера – дигитална одговорност
Дел од граѓаните ја поздравуваат и транспарентноста што ќе ја добијат при намалувањата.
Благица Филипова-Јовевска од Кисела Вода смета дека ова е најголемиот бенефит од мерката:
„Колку пати сум видела производ на попуст, ама не пишуваше колку било претходно. Со ова, барем ќе знаеме дали навистина нешто е намалено или само ни продаваат магла“.
Од Министерството за економија велат дека целта на мерката е да се подобри довербата на потрошувачите и да се олесни споредбата на цените.
Инспекциските служби ќе имаат обврска периодично да вршат проверки, а предвидени се и казни за трговците кои упорно не ги ажурираат цените или лажно информираат.
Во ерата на брзи онлајн купувања и мобилни апликации, ова е уште еден обид дигиталниот пазар да се регулира со јасни правила.
Но колку таа регулација ќе биде доследно спроведена – останува да покаже времето. А за граѓаните, барем засега, останува надежта дека ќе можат да купуваат според она што го виделе, а не според она што ќе ги изненади на каса.
Б.З.М.