1021 hPa
86 %

0 °C
Скопје - Нед, 13.04.2025 05:59
Во раните деведесетти, една пријателка, која штотуку положи за возачка дозвола, нѐ возеше некаде на гости, а позади седевме една друга пријателка и јас, кои не знаевме да возиме. Поминувавме под подвозникот кај Стоковна куќа „Мост“ и застанавме на семафорот што води накај Универзитетска библиотека од десната и Мавровка од левата страна. Неколку автомобили пред нас завртеа полукружно на семафорот, упатувајќи се кон мостот „Гоце Делчев“.
Бидејќи требаше да стигнеме до Партизанска, пријателката до мене и јас прашавме:
„Зошто не свртиме и ние полукружно овде?“
„Забрането е,“ ни рече таа која возеше, покажувајќи на знакот.
„Како другите вртат?“ праша пријателката до мене.
„Па, прават прекршок,“ беше одговорот.
„Зошто некој не ги казни?“
„Нема полицаец. За да има полицаец на секоја раскрсница, треба да ги има илјада.“
„Па нека ги има,“ искоментира пријателката до мене.
Се сетив на ова кога, пред два дена, застанав со автомобил пред пешачки премин на кој поминуваа неколку луѓе. Автомобилот зад мене свиреше – не го разбрав значењето на свирежот, дали очекуваше да возам додека поминуваат пешаци? и по неколку секунди ме заобиколи, и се протна меѓу двајца пешаци.
Оваа ситуација сум ја видела повеќе пати. Но не можам да сфатам како и овие денови, сред ненадоместливата, ненадминливата болка од трагедијата во Кочани, некој може да продолжи да се однесува на исто толку безобзирен начин, како што се однесувал секогаш.
Тоа е резултат на една култура на бесчувствително резонирање кое само себеси се става на прво место, без никаков обзир кон другите: јас морам да стигнам некаде побрзо, па ќе поминам меѓу пешаци. Јас, јас, јас. Овие денови многумина размислуваат за промена на системот. За жал, не сите, како што демонстрираше возачот зад мене пред два дена.
Во “Looking Backwards” на Едвард Белами, главниот лик Џулијан Вест се буди сто години во иднината и гледа свет во кој нема несреќи, во кој сите се одговорни, во кој е остварена целосна рамноправност. Не можејќи да сфати како луѓето станале толку несебични, тој го прашува својот домаќин, доктор Лит, како е можно секој човек од тоа идно општество да се грижи за другите повеќе отколку за својата корист и среќа. Домаќинот му одговара: „А како може некој да биде задоволен ако другите околу него се несреќни?“
Системот може да се подобри, меѓу другото, кога, наместо култура на приоретизирање на моќта и на сопствените интереси, ќе се гради една поинаква етика – во која другите доаѓаат на прво место. Не тој што претркува на пешачки зашто нему му се брзало, не тој што сака да отвори кладилница каде што нему му изгледало најпривлечно, не тој што пука петарди за нова година зашто нему тоа му се видело забавно. Туку луѓето врз кои овие постапки имаат некакво влијание.
Тоа не е само прашање на свест, туку и државна обврска. Системот не може да се потпира само на тоа дали некој има свест или не. Иако сите ние го сочинуваме системот, важно е, ама не е доволно, да се тргне единствено од себе во промените, зашто има и луѓе кои нема да го направат тоа. Неопходни се правила што ќе оневозможат кој било да постапува само во своја корист, со страшни последици по другите, и механизми што ќе осигураат дека тие правила се почитуваат.
Културата на себичност и приоретизирање моќ не ја разбира поентата на доктор Лит – дека со една сосема поинаква етика, етика на приоретизирање на добросостојбата на другите, се подобрува и сопствениот живот. Зашто како може некој да биде задоволен ако другите околу него се несреќни?
Слика: Hayden Williams