Охриѓанките Маја и Сузана за три години вдомиле повеќе од триста кучиња од улица. Кучињата добиле сопственици кај стотици семејства низ европски земји како Велика Британија, Белгија, Холандија, Германија. Но, процедурите за испраќање на кучињата во странство, не се едноставни.
Голем број кучиња, кои со години талкаат беспомошни низ охридските улици, сега имаат нов дом, благодарение на Маја и Сузана, активистки за заштита на животните од Охрид.
Тие имаат благородна мисија спасување на бездомни кучиња, за да не бидат згазени, отруени или дислоцирани, како и пронаоѓање на сопственици кои би се грижеле за нив. Сè почнало пред пет години.
„Покрај тоа што ги храневме, ако видевме дека некоја е женка или е во циклус, приватно ние самите ги стерилизиравме, ама за жал ги враќавме на улица.
Пред помалку од три години, започнавме со самостојно вдомување, ги спасуваме кучињата и по идеја на Сузан ги чуваме во куќата на нејзината мајка. Значи куќата ја направи како мини шелтер“, раскажува Маја Коваческа, активистка за заштита на животните за Гласот на Америка на македонси јазик.
