Димитровски во Аргумент плус: Наша цел е да склучиме договор за слободна трговија со САД
Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски во Аргумент плус рече дека во моментов приоритет е да се склучи договор за слободна трговија со САД.
Според него, на таков начин Македонија нема да има никакви царини со САД. Тој зборуваше и за тоа дека потребно е да се усогласат податоците за трговски дефицит кои ги имаат доставено САД и Македонија до Светската трговска организација и да се процени за каков дефицит станува збор.
„Ние сме подготвени, сме разговарале со администрацијата на Доналд Трамп и спремни сме да склучиме договор за слободна трговија со САД. Тоа е првата наша мерка во однос на нашата трговска размена со САД и тоа е наша цел. Ќе треба да се усогласиме со земјите членки на ЕУ“, рече Димитровски.
Тој објасни и дека Македонија и САД имаат различни податоци за трговскиот дефицит меѓу двете држави.
„Врз основа на податоците кои ги доставила Америка и податоците кои ги доставивме ние до Светската трговска организација се различни. Ние имаме трговски дефицит според нашите податоци а според нивните имаат тие. Поентата е дека треба да дојде до соочување и да видиме кои податоци се точни“, додаде Димитровски.